fbpx

Повеќе од 31.000 бегалци се заглавени во Грција

-

Грчкиот заменик министер за одбрана, Димитриос Вицас, и министерот за миграција, Јанис Музалас, соопштија дека во цела Грција заедно со островите има регистрирани 31.842 бегалци. Како што информираа на заедничката прес-конференција, од нив 6.857 се на островите, додека до вчера низ целиот копнен дел на државата имаше 24.985 лица кои чекаат да бидат пропуштени и да го продолжат својот пат кон Западна Европа.

За бегалската криза и за тоа како Грција да настапи на новиот Европски самит за бегалците в понеделник во Брисел, денеса ќе разговараат на лидерска средба премиерот Алексис Ципрас и лидерите на сите политички партии во грчкиот парламент Нова демократија, ПАСОК, Река, Унија на центристите, Независни Грци и Комунистичката партија.

Бројката на белгаци секојдневно се зголемува од 1.000 до 2.000 нови бегалци, кои со чамци пристигнуваат до грчките острови. Наспроти таа бројка, од македонска страна изминативе денови, според процените на министрите, се пропуштени помалку од 1.200 бегалци.

– Од средата до четвртокот во Грција влегле 2.122 бегалци, а во четвртокот излегле 100 лица преку Идомени – истакна Вицас.

Говорејќи за тежината и за комплексноста на состојбата на кампот во Идомени, Музалас истакна дека работите би биле малку подобри доколку бегалците одлучат наместо да седат во тамошниот камп, да дозволат да бидат префрлени во прифатните центри во близина на Идомени, каде има подобри услови за привремен престој.

– Треба да се разбере следното: луѓето заминуваат од центрите што ги подготвивме за да одат кон Идомени, надевајќи се дека ќе имаат среќа, дека ќе бидат таму на денот кога ќе се отвори границата и ќе успеат да преминат – посочи Музалас.

Тој истакна дека Грција ќе се обиде да се справи со ситуацијата во Идомени преку зголемување на здравствената помош и на количествата храна за да им излезе во пресрет на бегалците, меѓутоа ќе се обиде и да ја промовира идејата кај нив дека на само два километри од кампот има затворени, подобри простори каде може привремено да бидат сместени. Колку повеќе се нудат простори и прифатни центри, според Музалас, толку повеќе луѓето ќе одбираат да останат таму наместо да одат во кампот кај Идомени каде условите се навистина тешки.

На новинарско прашање околу случаите на бегалци со фалсификувани документи, заменик министерот за одбрана Вицас демантираше дека во Грција во прифатните центри за регистрација се издаваат фалсификувани документи, коментирајќи дека е многу тешко да се фалсификува оригиналниот документ.

Музалас додаде дека навистина се пријавени такви случаи од држави како Германија, но се претпоставува дека се работи за документи за лична идентификација кои ги издава организирана криминална мрежа развиена од Сирија. Во Грција, како што истакна Музалас, веќе се фатени и разбиени две такви криминални мрежи кои фалсификувале документи за бегалците.

– Меѓутоа, фалсификуваните документи не се оние кои ние ги даваме во Грција, тука се работи за фалсификуван документ, фалсификуван пасош, неточни податоци. Нашиот одговор дека овие документи можеби се добиени од организирана мрежа која е развиена во Сирија, постои во Турција и можеби постои и во Грција, во Скопје и во Србија. Обидот од цела Европа и до Грција е на нашите документи да имаме специјални печати така што би дошле до степен документите да ја имаат сигурноста која ја обезбедува водениот печат – објасни Музалас.

Тој посочи дека фалсификувањето на овој печат е екстремно тешко, меѓутоа и дека јасно е дека се развиваат организирани криминални групи и индустрии за фалсификување секаде каде што има бегалци за да профитираат од тоа.

На новинарско прашање до министерот Вицас зошто нема подлабока соработка меѓу грчкото и македонското министерство за одбрана во овој момент на критична бегалска криза, Вицас одби да одговори, коментирајќи дека ова е тема повеќе ја засегнува надворешната политика на Грција, а не ситуацијата со бегалската криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...