fbpx

Потресни сведоштва за земјотресот во Мароко во кој загинаа над 800 луѓе

Едвај имав време да ги грабнам децата и да истрчам надвор пред да ми се урне куќата пред очи. Се урна и куќата на соседот, а под урнатините беа најдени двајца мртви, сведочат преживеани за светските медиуми

-

Потресни сведоштва за светските медиуми даваат преживеани од земјотресот во Мароко во кој загинаа над 800 луѓе, а повредени се повеќе од 600.

Станува збор за најсилниот земјотрес во последниве 120 години што ја погодил оваа област.

50-годишната Фатима за Си-Ен-Ен изјавува дека нејзиниот дом во градот Асни во подножјето на планините Висок Атлас бил целосно уништен во земјотресот.

„Едвај имав време да ги грабнам децата и да истрчам надвор пред да ми се урне куќата пред очи. Се урна и куќата на соседот, а под урнатините беа најдени двајца мртви“, вели таа.

Мохамед (50) од блискиот град Уиргане изгубил четири члена од своето семејство во земјотресот, а тој успеал да ги спаси неговите две деца, пред да му се сруши домот. 

Мустафа Луаанаби, кој исто така живее во подножјето на Атлас, го опишал моментот кога земјотресот го погодил неговиот дом, велејќи дека имало „гласни, заглушувачки звуци“ и дека се чувствувало како „воз минува точно низ средината на дневната соба.

„Никој не спиеше цела ноќ поради последователните потреси, а бучавата од тие потреси создаваше невидена паника“, додава тој.

Националниот центар за научни и технички истражувања соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала и дека неговиот епицентар бил во провинцијата Ал Хоуз, југозападно од Маракеш, популарна дестинација за странските туристи.

Сочувства за загинатите во земјотресот пристигнуваат од сите светски лидери. Шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека целата негова солидарност и поддршка се за народот на Мароко по страшниот земјотрес.

„Шпанија е со жртвите на оваа трагедија и со нивните семејства“, истакна шпанскиот лидер.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е „потресен по ужасниот земјотрес во Мароко“ и понуди помош од Франција за справување со последиците од земјотресот.

Сочувство упати и рускиот претседател Владимир Путин.

„Во Русија ја споделуваме болката и тагата на пријателскиот марокански народ“, рече Путин во изјавата упатена до мароканскиот крал Мухамед Шести.

Сочувство упати и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Индискиот премиер Нарендра Моди, германскиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган се исто така меѓу оние кои изразија сочувство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...