fbpx

Камбери го изгуби синот во несреќата кај Ласкарци: Изгубивме четири години на празни муабети во судската постапка

„Сè празни муабети, да дојдеш да ги видиш за што се зборува, просто може да сфати и тој што воопшто не се занимава со право. Ние седиме џабе и чекаме, нè имаат оставено во магла“, вели Камбери, потсетувајќи дека довербата од 2% на граѓаните во судството не е случајна

-

Џеват Камбери, чиј син го загуби животот во трагичната несреќа на автобусот на „Дурмо Турс“ кај селото Ласкарци на 13 февруари 2019 година, ја изрази својата разочараност од судската постапка, која и по повеќе од четири години нема епилог, пишува Порталб.мк.

„Поминаа скоро пет години, но не само толку, ќе поминат и други пет години. Ги разбирам јас овие работи, но сум немоќен“, вака изјави за Порталб.мк Џеват Камбери, таткото на Бесим, кој на 35-годишна возраст го загуби животот во трагичната несреќа оставајќи ја зад себе сопругата со три деца, од кои најмалата е 3-годишна, а најголемата 12.

Заедно со Беким бил и неговиот зет, кој за среќа се спасил, но по долга голгота од 6-7 месеци во кома и по неколку операции.

Но, како што ни објаснува Џеват Камбери, тој сега веќе не е способен за работа.

„Се надеваме дека можеби, можеби еден ден ќе има правда, но проблем е, просто умот ми кажува дека само сакаат да добијат во време и секако дека ќе добијат. Овде не се надевам дека ќе имам успех, но имам надеж да одам во Стразбур, ќе видиме кога ќе дојде време. Надежта е апсолутно минимална, ние сме мала земја и скоро сите се знаеме еден со друг и го имам во предвид притисокот, политиката, како велат во Албанија, ги имам во предвид леките (парите)“, додава Камбери за Порталб.мк.

Тагата е уште потешка и поради финансиските трошоци, кои семејствата ги прават за адвокатските услуги за овие четири години судење.

„За случајот на зетот адвокатот досега од ќерка ми зел 6.000 евра. Прво се соочуваш со несреќата, а сега го плаќаш и адвокатот. Адвокатот ја врши својата должност, но нам не ни врши работа, сè ми изгледа дека за џабе го плаќаме“, додава Камбери.

Според него, секој може да сфати дека судската постапка е „празен муабет“, а не очекува да интервенира ни Судскиот совет по основ на претставките на семејствата.

„Кому да му веруваш, сум бил неколку пати и зборовите што сум ги слушнал таму не ветуваат дека ќе се случи нешто“, вели тој, додавајќи дека е песимист за судската разрешница.

„Сè празни муабети, да дојдеш да ги видиш за што се зборува, просто може да сфати и тој што воопшто не се занимава со право. Ние седиме џабе и чекаме, нè имаат оставено во магла“, вели Камбери, потсетувајќи дека довербата од 2% на граѓаните во судството не е случајна.

Постапка на која што не ѝ се гледа крајот

Инаку, судската постапка започна во септември 2019 година, а последното рочиште е одржано на 13 јули. По летните одмори следното рочиште е закажано за 12-ти септември, каде што ќе продолжи распитот на вештаците кои го работеле сообраќајното супервештачење.

На последните рочишта, адвокатите на обвинетите од компанијата „Дурмо Турс“, преку машинското и сообраќајното супервештачење се трудат вината да ја префрлат само на возачот на автобусот, избегнувајќи одговорност за исправноста на автобусот. Од друга страна, адвокатот на возачот на автобусот, тврди дека возачот не е крив, туку компанијата, бидејќи автобусот не бил во технички исправна состојба.

Врз основа на двете вештачења автобусот имал технички неисправности, но овие неисправности не биле причина за несреќата. Според нив, возачот иако имал можност не ги презел соодветните дејствија за да го запре автобусот, односно не закочил.

Обвинителот ги оспорува супервештачењата, а исто и семејствата на жртвите.

Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобусот на „Дурмо турс“ што сообраќаше на редовната линија Скопје-Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. 16 патници го загубија животот и 37 беа ранети. Во оваа судска постапка обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во Станицата за технички преглед. Првите три се обвинети за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека другите се обвинети за соучество во истото дело.

„Дурмо Турс“ и ден денес продолжува да работи и да транспортира патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дек работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...