Извор на фотографија: Влада на РСМ

Измина повеќе од една година откако корона вирусот почна да се шири во С. Македонија и на првата одбранбена линија го дочекаа лекарите кои продолжуваат да работат и покрај ризиците. Бројот на здравствени работници што го загубиле животот од корона вирусот досега изнесува 27, според податоците од Институтот за јавно здравје, пишува Порталб.мк.

До овој момент вкупната бројка на лица дијагностицирани со ковид-19 во нашата земја од почетокот на пандемијата е 122.227, на излечени пациенти е 102.652, бројката на тие што го загубиле животот е 3.545, а на активни случаи е 16.030.

Официјално, во земјава се вакцинирани вкупно 6.884 здравствени работници, 111.222 изразиле интерес за вакцинирање, покажува веб страницата на Министерството за здравство.

До сега 104 здравствени работници имаат позитивен тест на ковид-19, откако се вакцинирале против вирусот, што според хемичарот Егзон Адеми, е сосема нормално. Според него, човековиот организам не создава веднаш одбрамбен имунитет после добивањето на вакцината, бидејќи за тоа му се потребни најмалку две недели по втората доза. Лекарот Љиридон Диша, кој веќе се вакцинирал, за Порталб.мк вели дека се чувствува добро и дека симптомите после добивањето на вакцината кај него биле лесни.

Инаку, првите 3.000 вакцини од Русија во РСМ пристигнаа на 7 март со редовната линија на „Air Serbia“ од Белград. До крајот на месецов се очекува да пристигнат и вакцините од другите производители: кинеската „Синофарм“, „АстраЗенека„ и „Фајзер/Бионтек“.

Со испораката на руската „Спутник В“, ќе бидат вакцинирани здравствени работници чие вакцинирање започна, но вакцините што беа донирани од Србија, не беа доволни. Од „Спутник В“ се очекува да пристигнат 200.000 дози, а од кинеската вакцина се нарачани 400.000 дози.

Од друга страна, компанијата „Фајзер/Бионтек“ за цела 2021 година предвидела во Северна Македонија да испрати 800.280 дози.

Досега од сите најави за донации од соседите, само 11.150 дози од „Фајзер“ пристигната од Србија. Бугарија и Грција, како и неколку европски земји сѐ уште не ги испорачале нивните најавени донации.