За штедните влогови на граѓаните и на фирмите, банките пресметуваат камати пониски од еден отсто. Завршницата на 2020 ја одбележа значаен пад на каматите за депозитите. Дали ваквиот тренд го дестимулира штедењето? Податоците покажуваат дека вредноста на депозитната база расте и покрај падот на каматите пишува Порталб.мк. На крајот од декември 2020 година, вкупната кредитна изложеност на банките изнесувала 5,8 милијарди евра.

На крајот од декември вкупните штедни влогови во банките надминаа 7 милијарди евра – историски највисоко ниво. Раст на штедењето е регистриран и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. Податоците од Народната банка покажуваат дека на месечно ниво депозитната база е зголемена за три отсто, додека на годишно ниво растот е поголем.

„Вкупните депозити, во декември, се зголемија за три отсто на месечна основа, под влијание на растот на депозитите кај двата сектора, со малку поголемо учество на корпоративниот сектор. Споредено на годишно ниво, вкупните депозити се повисоки за 5,9 отсто, при раст на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај секторот домаќинства,“ соопштија од НБМ.

Населението на крајот од 2020 година во банките чувало 4,64 милијарди евра а фирмите, односно корпоративниот сектор располагал со 2 милијарди евра, а останатата сума отпаѓа на депозити на други клиенти кои исто така се дел од „недржавен сектор“.

Додека податоците покажуваат раст на штедењето, каматите на депозитите се во пад – и на веќе постоечките депозити и на новопримените штедни влогови. Според економистите кои ги консултираше Порталб.мк ваквата состојба е очекувана во услови кога сè уште владее “скептицизам“ кон алтернативните инструменти на штедење.

„Граѓаните и воопшто штедачите не се водат од висината на каматата што се нуди за штедење туку од проценката на ризик. Имено, кај нас постојат алтернативни инструменти за штедење, како вложувања во инвестициски фондови и осигурителни полиси, но овие инструменти на некој начин не се познати на граѓаните, кон нив се гледа со скептицизам. Оттука, за граѓаните, особено оние кои штедат на месечно ниво со пониски износи, најприфатлив начин е парите да ги вложат во банка без разлика на висината на каматата,“ оценува професорот Марјан Петрески.

Тој додава дека уште еден фактор кој влијае врз намалување на каматите на депозитите е падот на каматите за кредитите.

„Изминатиот период бевме сведоци на голема понуда на ликвидност, а од друга страна недостаток на квалитетни и одржливи проекти за кредитирање, што предизвика намалување на каматите за кредитите,“ додаде Петрески.

На крајот од декември, просечната камата на депозитите изнесувала 0,95 проценти што е најниско ниво од крајот на 2019 година. Каматата на новопримените депозити изнесувала 0,68 проценти.

„Сметам дека овој тренд на намалување на каматите на депозитите кој се случува минатите години ќе продолжи, но не очекуваме негативни каматни стапки,“додава Петрески.

Во однос на валутната структура, податоците укажуваат на пораст на штедењето и во денари и во странска валута, но и натаму со доминација на денарското штедење.

Пресметката на Порталб.мк покажува дека вредноста на денарските депозити изнесува 3,86 милијарди евра, додека на штедењето во странска валута вредноста е 2,78 милијарди евра.

Според валутата, и натаму доминира штедењето во денари, на кое отпаѓа 60 отсто од вкупната депозитна база. На крајот од декември, вкупниот кредитен пласман на банките изнесувал 5,8 милијарди евра.