Порталб: Искористувањето на отпадот не е „утопија“, само треба да се препознае неговата вредност

Наместо постојната депонија „Русино“, ќе треба да се изгради нова по стандардите на ЕУ; Фото: Мета.мк

Чистите градови во Северна Македонија едноставно изгледа дека се „утопија“, а искористувањето на придобивките од отпадот, научна фантастика. Сепак, експертите од оваа област сметаат дека тоа е можно, пишува Порталб.мк.

Правилното управување со отпадот е дел од обврските што нашата земја мора да ги исполни во рамки на Поглавјето 27 за животната средина, како предуслов да стане полноправна членка на ЕУ. Сепак, реалноста покажува дека кај нас управувањето со отпадот се сведува на собирање и депонирање на истиот.

За начинот како да се постигне тоа, експертите разговараа на онлајн дебатата на Националната конвенција (КНЕУ-МК) на тема „Отпадот – загадувач или извор? Како да се подобри имплементацијата на Законот за управување со отпад во Република Северна Македонија?“.

„Новиот десетгодишен национален план за управување со отпад усвоен во 2021 година има за цел да направи промени денес, за да ја зачуваме животната средина во која ќе живееме во иднина. Но, за да ја постигнеме оваа цел, потребно е да се препознае вредноста на отпадот како извор“, рече заменик – министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска, додавајќи дека сите ние како граѓани, и сите надлежни институции мораме да придонесеме, целосно и на координиран начин да соработуваме меѓу себе.

Во дебатата беше истакнато и дека правилното управување со отпадот е дел од обврските што нашата земја мора да ги исполни преку Поглавјето 27 за животната средина, како предуслов за да стане полноправна членка на ЕУ.

Сепак, според анализите на терен, реалноста покажува дека управувањето со отпадот се сведува на неговото собирање и депонирање, со незначителен удел на превенцијата и селекцијата, што се предуслов за користење на отпадот како извор.

„Иако земјата бележи напредок во транспонирањето на законодавството на ЕУ во националното законодавство, реалноста е дека сме далеку од имплементација и стандардите на Европската унија, кои предвидуваат дека само 25 отсто од отпадот може да се одложи, а остатокот треба да се рециклира“, истакна Милева Ѓуровска Национална координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење (Е-МК).

Преку дијалогот, на кој учествуваа експерти за животна средина, консултанти, професори, истражувачи, екологисти од Македонија и Словачка, како и претставници на граѓански организации, бизнис заедницата и инспекторатите, се направи обид да се идентификуваат клучните прашања во управувањето со отпадот.

Раководителката на Центарот за климатски промени од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска, истакна дека недостасува систем за селекција и дека дивите депонии се уште постојат поради недоволните инспекции, а дополнително, повеќето комунални депонии не ги исполнуваат условите за безбедно управување со отпад. Одреден напредок, според неа, е постигнат како резултат на работата на колективните актери.

И раководителката на Секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Мазнева-Каранфиловска, рече дека како заинтересирани чинители „сме должни да преземеме мерки“ со цел материјалите што вредат да се вклучат повторно во процесот на управување со отпад согласно специфичните критериуми развиени од Европската Унија, и воведени во македонското законодавство.

Отпад во село Теарце, 17.12.2021 Фото: Фисник Џелили / Порталб.мк

Јадранка Иванова, која е лидер на експертскиот тим за приближување на програмата „Поддршка на ЕУ во еколошки преговори, Поглавје 27“ ја презентираше состојбата со отпадот во законска смисла, додека инспекторката за животна средина Александра Димитриевска-Аврамовска ја одрази реалната состојба на теренот и истакна дека не само што е потребно да се зајакне институционалниот капацитет на инспекциските служби, туку и да се создаде социолошки мудар систем за да се спречи граѓаните од одредена социолошка категорија да го сметаат „загадувањето како помало зло од гладот“ користејќи штетни материјали за греење.

„За тоа како да управуваме со отпадот, но и за други важни прашања, како што е грижата за животната средина, можеме да учиме едни од други, особено во контекст на зелената агенда на Европската унија“, рече директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) од Братислава, Томаш Стражај.

Тоа се покажа, како што рече, преку досега одржаните 44 седници на Националната конвенција, кои по добивањето на датумот за преговори ќе станат дел од преговарачкиот процес.

Директорката на Институтот за циркуларна економија на Република Словачка, Ивана Малеш, порача дека македонските власти можат да учат од нивните грешки. Таа ги запозна присутните со законската регулатива во Словачка, нагласувајќи дека една од најважните алки е циркуларната економија, а истовремено ја претстави и зелената политика наречена „Позелена Словачка“, според која до 2030 година, заедно со борбата против климатските промени, земјата ќе мора да се движи кон тој економски циклус.

„Многу сум среќна што денес ситуацијата во Словачка, за разлика од пред десет години, е многу поинаква, што рециклирањето е подобрено за 60 проценти и што изградивме нови депонии. Сепак, треба да се истакне дека се појави уште еден проблем, а тоа е дека управувањето со отпад стана многу поскапо. Но, тоа е цената што треба да се плати за заштита на животната средина“, рече Ивана Малеш.

Таа нагласи дека секој жител на Словачка треба да плати надоместок според количината на отпад што го генерира, односно секој загадувач да плаќа сума соодветна на загадувањето што го предизвикува. На промената на секојдневниот живот влијаеше и отпадот од храната и биоразградливите материјали. Друга промена што ја истакна е преминот кон зелени јавни набавки, при што се води грижа јавните пари да се трошат за зелени решенија.

Со цел што поскоро приближување до стандардите на ЕУ за управување со отпадот, преку дијалог, произлегоа конкретни препораки за поефикасна имплементација на новиот Закон за управување со отпад од октомври 2021 година, кој може да биде корисен за справување со дивите депонии, афирмација и имплементација на Стандардите на ЕУ во локалните области и операционализација на регионалната перспектива за управување со отпадот, што на крајот од дебатата како официјален документ го прочита директорката на „Еко-свест“ од Скопје, Ана Чоловиќ-Лешоска.

Дива депонија во селото Одри. Фото: Општина Тетово

Инаку, секој жител во 2020 година генерирал 452 килограми комунален отпад, што е зголемување за четири килограми во однос на 2019 година или дури и до 68 килограми повеќе во однос на 2016 година. Од вкупно 913.000 тони создаден комунален отпад, околу две третини или 630.000 тони се собрани и завршиле на депониите. Најголемиот дел од отпадот што се произведува и рециклира е хартија, покажа годишната статистика на Државниот завод за статистика за демографската и социо-економската состојба во Република Северна Македонија во 2020 година.

Комуналниот отпад вклучува отпад од домаќинствата, меѓу другото и кабаст отпад, отпад од комерцијални и трговски активности, згради, институции и мали бизниси, отпад од дворови и градини, отпад од патишта, содржина на контејнери за отпад и отпад од чистењето пазари.

Вкупно, во 2020 година се создадени 913.033 тони отпад, а собрани се 630.086. Статистиката покажува дека деведесет и девет отсто од собраниот отпад, е фрлен во депониите. Разликата меѓу создадениот и собраниот отпад, вкупно 282.947 тони отпад, е количина што не е вклучена во отпадот што завршил во депонии.

Отпад во река Пена Тетово, Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Создадениот комунален отпад за 2020 година е помал од 2019 година, кога биле генерирани 915.943 тони, но сепак има нагорна линија, за разлика од 2016 година, кога имало 796.585 тони.

Собраниот отпад, пак, бележи благо намалување со 2.398 тони помалку собран отпад во однос на 2019 година, кога собраниот отпад изнесувал 632.484 тони.

Сепак, пораст има во однос на 2016 година, кога имало 610.227 тони. Неказнувањето и неспроведувањето на законите беa истакнати како главни проблеми во заштитата на животната средина на една јавна дебата, во ноември минатата година, под наслов „Состојба на животната средина – управувањето со отпад“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска во своето излагање ја истакна животната средина како сектор со примарни проблеми во борбата против корупцијата.

„Оценуваме дека акутен проблем со кој се соочува секторот за животна средина е несоодветното спроведување на законот за управување со отпад во делот на интегрираното и регионалното управување со отпадот. ДКСК потврди дека општинските јавни претпријатија генерално се во лоша состојба и неефикасни во управувањето со отпадот. Со оглед на тоа што Националната стратегија во основа има за цел да го подобри животот на граѓаните и да го ослободи општеството од корупција, неопходно е да се обезбеди целосна поддршка во овој процес“, рече Ивановска.