fbpx

Порталб: Градските автобуси за Тетово шест месеци „спијат“ на паркинг

-

Додека директорот на ЈП „Тетово Транспорт“, Дарко Спировски, чека нов сообраќаен режим во Тетово за автобусите да започнат да сообраќаат, бидејќи, според него, во моментов нема услови за тоа, Секторот за сообраќај во Тетово не размислува за такво нешто. Од таму нагласуваат дека режимот е подготвен пред две децении, а, иако признаваат дека ќе има проблем со точноста на пристигнувањето на автобусите навреме, според тогаш одредените сатници, велат дека проблемот не е кај нив, туку во Законот за легализација. Ариф Селами од Алијанса за Албанците, пак, вели дека на Тетово не му недостигале само автобуси, туку и план за нивно функционирање, пишува Порталб.мк.

Иако поминаа речиси шест месеци откако пет автобуси за јавен превоз пристигнаа во Тетово, возилата сè уште не се видени низ градот.

Пред два месеца, во интервју за Порталб.мк, директорот на ЈП „Тетово Транспорт“ истакна дека сè уште не се обезбедени инфраструктурните услови за автобусите да можат да сообраќаат без дополнителни проблеми во Тетово и додаде дека сегашните услови ќе го оневозможат почитувањето на однапред договорениот распоред.

Според советникот во Совет на општина Тетово од Алијансата за Албанците, Ариф Селами, постојат сомнежи дека некогаш ќе созреат условите за работа на пет автобуси паркирани во Тетово од јануари. Тој вели дека општинските власти доцнат со подготовките за планирање и организирање на јавниот транспорт во градот.

„Тетово останува без јавен превоз и покрај бројните ветувања на локалната самоуправа со години. Сите ние како граѓани сме разочарани од доцнењето и неисполнувањето на ветувањата и со право сме скептични дека ова прашање некогаш ќе се реши. Бидејќи сум дел од Советот, овој скептицизам е уште поголем, а се заснова на информациите што ни се доставени за ова прашање. Иако автобусите се паркирани во зградата на Противпожарната служба од јануари годинава и имаме нов директор на претпријатието, не можеме да се надеваме на функционирање на јавниот превоз без регулирање на сообраќајот, режимот на сообраќај во еден правец во одредени улици, без постојана соработка со СВР Тетово, без отворање булевари и без уредување на градскиот паркинг. Со оглед на временската амортизација, вредноста на автобусите опаѓа уште пред да бидат искористени, а времето на отплата на заемот се приближува секој ден! Значи, јасно е дека во јавниот превоз не недостасуваа автобуси, туку предвидување, планирање и организација“, вели Ариф Селами, советник на Алијансата за Албанците во Општина Тетово.

Што велат од единицата за сообраќај во општина Тетово?
Според надлежните за регулирање на сообраќајот во Општина Тетово, режимот на сообраќај е непроменет две децении и нагласуваат дека во наредните денови ќе има интензивирање на контролите од страна на СВР Тетово и општинските власти.

„Сообраќајниот режим е подготвен пред две децении и ништо не е сменето, бидејќи на булеварот Илинден никогаш не било дозволено паркирање, освен во мал дел во близина на плоштадот, каде што условите на патот дозволуваат, односно каде што функционира зонското паркирање. Сепак, обично со доаѓањето на летната сезона (со доаѓањето на припадниците на нашата дијаспора), единицата за сообраќај заедно со СВР ги интензивираат и координираат чекорите за да се обезбеди поголема ефикасност во сообраќајот“, велат од општинското одделение за сообраќај.

Иако булеварот „Благоја Тоска“ сè уште не е отворен, а работата на терен за такво нешто не е ни почната, одделението за сообраќај во Тетово сепак го споменува како една од артериите што би помогнала во функционирањето на јавниот превоз, заедно со булеварот „Видео Смилевски – Бато“, кога ќе биде целосно отворен за сообраќај.

Булеварот „Видео Смилевски – Бато“ е капитална инвестиција на општината која овозможува растоварување на сообраќајот во три тетовски населби (Дреновец, Порој, Џепчиште, како и за возилата што секојдневно сообраќаат на релација од Теарце до Тетово). Исто така, камионите што сообраќаат кон граничниот премин Јажинце веќе се движат низ новиот булевар „Видео Смилевски – Бато“. Булеварот „Благоја Тоска“ исто така ќе биде нова артерија што ќе го олесни сообраќајот во Тетово, додаваат од Одделението за сообраќај на Општина Тетово.

На прашањето зошто досега не е подготвен планот за функционирање на јавниот превоз во Тетово, од општината истакнаа дека за нив најважно било обезбедувањето на пет автобуси, а делот на условите ги сметаат за „прашање на време“ .

Министерот Фатмир Бесими и градоначалничката Теута Арифи на примопредавањето на првите градски автобуси во Тетово. Фото: Министерство за финансии

„Важно е дека ветената инвестиција за пет автобуси е веќе направена. Функционирањето на претпријатието е прашање на време. Административното екипирање на раководството и оперативното функционирање мора да се направат на вистинско ниво, со цел кога ќе стартуваат автобусите да нема проблеми од оперативен карактер, што би ја комплицирало работата на претпријатието“, додаваат од Одделението за сообраќај на Општина Тетово.

Од таму не се согласуваат со изјавата на директорот на ЈП „Тетово Транспорт“, Дарко Спировски, дека во Тетово со сегашните услови е невозможно јавниот превоз да функционира и додаваат дека со помош на СВР и создавање на велосипедски ленти, тоа ќе биде можно.

„Актуелниот директор има должност да управува со јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ во постојните услови. Помош од СВР-Тетово и воспоставување урбани линии, употреба на велосипеди и зголемена будност од сообраќајната полиција ќе овозможат подобро движење на автобусите “, велат од Општина Тетово.

На прашањето дали може да се гарантира правилно функционирање на јавниот превоз во Тетово, Општина Тетово призна дека може да има доцнења од една до друга станица, но вели дека со неодамнешните општински проекти, може да се одвива јавен превоз.

„Јавниот превоз може да се одвива, само што патувањето со автобус може да трае подолго од планираното. За да се избегнат доцнењата во сообраќајот, треба да се работи што е можно повеќе за да се отстранат возилата паркирани на булеварот. Со законот за легализација на дивоградбите, каде што нема критериум секоја зграда или стан да има сопствен паркинг, градот Тетово беше оштетен исто како и другите градови во земјата, и не може да обезбеди паркинзи за жителите, и не може да го следи трендот на двојно зголемување на бројот на возила“, велат од Одделението за сообраќај на Општина Тетово.

Инаку, ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде во својот прв мандат во Програмата за локални избори за 2013 година „Градиме заедно“, а истото го повтори и во дебатата организирана од „БИРН Косово“ и „Порталб.мк“ во октомври 2017 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...