fbpx

Порталб: Општина Тетово доби 29,5 милиони денари за изградба на булеварот „Благоја Тоска“

-

Секоја година веќе седум години наназад, градоначалничката на Тетово Теута Арифи ветува отворање на булеварот „Благоја Тоска“ во овој град. Во меѓувреме, пред два дена за ова беа обезбедени 29,5 милиони денари од Владата на РСМ, средства кои ќе бидат искористени за експропријација на земјиштето на жителите од оваа населба, кои според општината, се единствениот проблем за одолговлекување на работите за изградба на булеварот, пишува „Порталб.мк“.

Булеварот што започнува на потегот од поранешниот ресторан „Мема“ и завршува кај Градскиот стадион наскоро ќе наполни седум години од кога се ветува, и тоа секоја година од градоначалничката Теута Арифи. На 24 ноември годинава, на 24-та седница на Владата на РСМ, беа издвоени вкупно 120,6 милиони денари средства за капитални проекти на општините на Северна Македонија. Од нив, за Општина Тетово е одвоена сума од 29,5 милиони денари, средства кои се предвидени за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата донесе Одлука за распределба на средства предвидени во пот-програмата 20 – Сообраќај и комуникации, став 488 – капитални дотации за единиците на локалната самоуправа во износ од 74.500.000,00 денари.

„Овие средства се распределуваат за реализација на следните капитални проекти: Реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“, Општина Тетово – 29.500.000,00 денари“, пишува на веб страната на Владата на РСМ.

Контактирани од „Порталб.мк“, општинските власти истакнаа дека средствата ќе бидат искористени за експропријација на објектите, односно за да се отвори овој булевар се планира уривање на неколку куќи.

„Со ребалансот на буџетот, Владата на Северна Македонија одвои вкупно 29,5 милиони денари за ова, и средствата ќе бидат искористени за експропријација на објекти“, рекоа од Општина Тетово.

Од општината исто така тврдат дека имотно-правните проблеми, кои се очекува да се решат со горенаведените средства, се единствениот и главен проблем на постапката за отворање на овој булевар.

Маратонот на ветувања од Теута Арифи за булеварот „Благоја Тоска“

• 2014 година
Во првиот мандат на градоначалничката Арифи, отворањето на овој булевар се сметаше за еден од приоритетите на нејзината програма. Покрај тоа, од Советот на општина Тетово беа толку сигурни дека овој проект ќе биде завршен во првите две години од раководењето на Арифи, така што истиот беше буџетиран за 2014 година и работата беше поделена во две фази, а во 2015 се очекуваше отворањето на булеварот да заврши целосно.

„Општина Тетово за 2014 година за приоритет го има отворањето на булеварот „Благоја Тоска“ и тоа ќе се изведе во две фази, во 2014 година и во 2015 година, мислам дека ќе започнеме во близина на мостот на болницата за да го отвориме делот што остана“, рече Теута Арифи за „Порталб.мк“ во 2014 година.

• 2015 година
2014 година помина, а работите за отворање на овој булевар сè уште не беа започнати, на крајот на 2015 година од Општина Тетово рекоа дека интензивно работат на решавање на овој проблем.

„Отворање булевар и продор во населените зони, е значајна и чувствителна акција, затоа работиме интензивно и со големо внимание да го решиме овој проблем и да започнеме со работа што е можно побрзо“, рекоа од Општина Тетово.

Во меѓувреме, врз основа на проектот за отворање на овој булевар, за кој беше издвоен буџет во 2014 година, беше предвидено отворањето на вториот да се случи во 2015 година, меѓутоа тоа не се случи.

• 2016 година
Бидејќи помина 2015 година и ниту еден камен не беше поместен за отворање на овој булевар, од Општина Тетово беа сигурни дека во 2016 година ќе се најде решение за реализација на овој проект.

„Во програмата од 2016 година ја имаме реализацијата на булеварот „Благоја Тоска“ во износ од 30 милиони и 500 илјади денари. Се надеваме дека оваа година ќе се најде подобро решение да започне со имплементација на овој проект“, изјавија од Секторот за градежно земјиште во Општина Тетово, на крајот на 2015 година.

Во меѓувреме, ниту во 2016 година оваа работа не беше завршена и од Општина Тетово, од оваа година до денес, образложението за незапочнување на работите на овој булевар е исто.

„Имавме проблеми при експропријација и исплата на имот кои мора да бидат срушени, а дел од работите ќе започнат наскоро“, рекоа од Општина Тетово во 2016.

• 2017 година
Во текот на оваа година, образложението за неотворање на овој булевар беше исто како и претходната година, односно дека има проблеми поради постапката за експропријација и легализацијата на имотите.

„Одложувањата што се случија во оваа насока беа заради експропријација на имотите што беа на овој булевар. Врз основа на Законот за легализација, имотите што не беа легализирани, не можеа да бидат предмет на експропријација и имавме тешкотии што да сториме со овие имоти за да го отвориме овој булевар“, изјавил за весникот Коха тогашниот претседател на Советот на Општина Тетово, Хисен Џемаили.

• 2018 година
Во 2018 година раководителот на Секторот за патишта и градежно земјиште на Општина Тетово изјави дека интензивно работат на отворање на овој булевар, бидејќи како што истакна, ова „стана голема тема“.

„Бидејќи оваа работа на булеварот Благоја Тоска стана многу голема тема, ние работиме интензивно и со очекуваме наскоро да ја завршиме документацијата и да започнеме со работа во блиска иднина“, рече Арсим Нуредини од Општина Тетово.

Додека за „Порталб.мк“ истата година од оваа општина нè уверија дека овој проект е даден на тендер и дека целиот проблем лежи во експропријацијата.

• 2019-2020 година
Откако беа направени првите чекори за отворање на овој булевар во 2018 година, односно беа урнати неколку бараки и од Општина Тетово ни рекоа дека отворањето на булеварот ќе се реализира во јуни истата година, оттогаш не беше преземено ништо. Инаку, состојбата на овој булевар во моментов е мизерна, таму може да се види сè, автомобили, кал, нечистотија, корисници на дрога … но не и градежна механизација. Неговото отворање ќе биде еден од најефикасните начини за олеснување на густиот сообраќај во Тетово.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...