Миа Блажевска Еминова: Се откажав од многу нешта за да стасам до учество на Олимписките игри

Фото: Вангел Тануровски

Учество на Олимписки игри е сон на многу млади спортисти, а за да се стаса дотаму, секогаш е потребна голема посветеност, напорна работа и откажувања од многу  работи кои обично се секојдневие за нивните врсници. Ваков пат успеа да изоди петнаесетгодишната пливачка Миа Блажевска Еминова, која неодамна си го заработи учеството на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Ученичката во гимназијата „Георги Димитров“, во Белград, на олимпискиот квалификациски турнир на 100 метри – крал, успеа да постигне време од 57.13 секунди – резултат кој ѝ овозможи да ја претставува Македонија во Токио.

– Ова беше една од моите големи желби, за чие остварување многу напорно работев. Среќна сум, прекрасно се чувствувам и не сум свесна што ми се случува. Сега она што следува е тренажниот циклус за Олимписките игри – вели Миа за Мета.мк.

На младата пливачка, овој спорт ѝ е пасија уште од четиригодишна возраст кога започнала да тренира. Таа е член на пливачкиот клуб „Орион“. Иако има само 15 години, веќе зад себе има десетици награди и признанија.

– Имам поставено повеќе од 50 национални рекорди и сум повеќекратен национален шампион во нашата држава. Во 2019 и во 2020 година сум прогласена за најуспешна пливачка во Македонија. На Комен купот во Бургас имам освоено две четврти места, а исто така четврто место и во Нови Сад, на централното европско првенство – нагласува Миа.

Таа е целосно посветена на пливањето. Два пати во денот има тренинзи и дополнително вежба во теретана.

– Секој ден станувам во шест часот наутро, прво одам во теретана, па потоа на базен. Додела траеше учебната година, откако ќе се вратев дома се вклучував на онлајн настава од третиот час. Од четири часот попладне одам на вториот тренинг. Единствен слободен ден ми е недела и единствено тогаш имам време малку да одморам. Исхраната е многу важна за секој спортист. Се обидувам да јадам здрава храна и да го избегнувам благото. Немам време за дружење со моите врсници. Се откажав од многу нешта за да стасам до тука – го завршува Миа разговорот за Мета.мк.