И покрај тоа што се ветуваат веќе осум години, тетовските пет автобуси што се набавија пред два и пол месеци, ја затекнааа Општина Тетово „неподготвена“, како во однос на документацијата така и во инфраструктурата. Градоначалничката Теута Арифи изјави дека последните подготовки се во тек и дека се надева дека овој проект ќе се финализира наскоро, пишува Порталб.мк.

Петте автобуси што ќе се користат во јавниот превоз во Тетово, во јануари беа примени со церемонија, фотографирање, сечење ленти и слично. Сега е март, а граѓаните сè уште ги немаат видено автобусите.

Според градоначалничката, Теута Арифи, во моментов се вршат последните подготовки и наскоро се очекува финализирање на проектот, односно автобусите да почнат да сообраќаат низ градот.

„Јавното претпријатие за јавен превоз ги спроведува последните подготовки, веќе имаше средби со полицијата, со цел да започнат со работа и се надевам дека наскоро превозот ќе се реализира. Одборот е комплетен, регистрацијата на автобусите е направена, цените се утврдени, станува збор за финалните подготовки“, рече Арифи.

Директорот на ЈП „Тетово Транспорт“, Дарко Спировски, пред неколку недели истакна дека во моментот кога бил назначен на функцијата, проектот за автобуси во Тетово бил недовршен, односно уште не биле поставени дополнувањата на потстаниците, методологијата за набавка на билети, линиите и слично.

„Јас не бев тој што го одреди времето кога овие автобуси ќе започнат да сообраќаат, не станува збор за еден или два дена. Ваквите стратешки проекти не се прават толку брзо, временскиот период може да биде од 1 до 2 месеци, наша цел е да започнеме што е можно побрзо. Има работи што треба да се направат, некои додатоци во потстаниците, како и методологијата за продажба на билети. Како сличен концепт може да го земеме Прилеп, каде имаат методологија за продажба на билети по електронски пат. Идејата е патниците да не чекаат редици за да купат билети во автобусите, туку тоа да се прави со поедноставни методи “, додаде Спировски, спомнувајќи го и начинот на купување билети како во Скопје, преку НФЦ (NFC) технологија.

Спировски додаде дека се соочуваат со многу предизвици, вклучително и: „Цените, поволностите, целните групи, сообраќајот во градот и многу други“.

Покрај недостатоци со документацијата, Општина Тетово ја нема обезбедено ниту потребната инфраструктура за функционирање на јавниот превоз. Порталб.мк пред неколку недели разговараше со експерт за сообраќај, кој истакна дека со сегашните инфраструктурни услови во Тетово функционирањето на јавниот превоз ќе биде многу тешко.

„Условите во однос на урбаната транспортна инфраструктура не се баш поволни, најнапред ќе биде многу важно по кои линии ќе се движат автобусите, а тоа ќе го утврдат надлежните лица. Треба да се види колку места ќе има за паркирање на возила на патните линии и колку простор можат да се создаде за градскиот превоз да се движи без пречки “, изјави Блерим Неими, експерт за сообраќај.

Тој ја истакна важноста на посебна лента што ќе им овозможи на овие автобуси да стигнат до крајната дестинација на време, и без дополнителни проблеми, а во моментов, градот Тетово такво нешто нема.

„Урбаниот превоз би било добро решение за градот Тетово. Конкретно, ако има распоред и посебна лента за автобуси, тоа би било со цел да се забрза времето на возење“, рече Неими.