fbpx

Порака до градоначалникот: Да, Коце, сè е политика, животот е политика

-

„Политика за сообраќај и безбедност. Политика за живот. Политика за урбанизам. Политика за градежништво. Политика за екологија и за зеленило. И сè друго. Животот е политика“, стои во рекацијата на граѓанската иницијатива „Коце врати ни ги улиците“ на соопштението на Град Скопје. Во реакцијата на граѓаните ги упатуваат вработените во Градот и градоначалникот Коце Трајановски да посетат обуки по локална самоуправа, цивилно општество и по граѓанско образование и да научат дека сè е политика.

Реакцијата на Граѓанската иницијатива доаѓа по соопштението на Градот како реакција на протестот „Коце врати ни ги улиците“,  во кое Градот протестот го нарекува невскусна политичка игра.

„Би сакале да им објасниме на одговорните од Градот Скопје (мислиме на одговорните за него, меѓу кои и Коце Трајановски директно, како градоначалник) дека – да, протестот со кој се оддаде почит кон загинатите по скопските улици, со барања за покренување свест за заштита на учесниците во сообраќајот кои се без моторни возила – беше политички. Точно. И тука нема ништо чудно. Ако некој протест или, пак, марш е политички, тогаш сме на добра патека кон демократичност, односно владеење на народот, преку свои претставници во општините и во власта“, пишува во реакцијата на граѓанската иницијатива.

Од иницијативата велат дека не го оспоруваат фактот дека жртвите пешаци и велосипедисти во сообраќајот се поради невнимание на несовесните возачи. Но, како што велат, не смее да се избегне фактот што несовесноста на возачите произлегува директно од нив, поради овозможеното „летање“ на автомобилите низ булеварите.

„Никој не го спори проширувањето на булеварите, но, се спори фактот што при таквата инфраструктурна распределба на моќите на учесниците во сообраќајот, најмногу се има посветено внимание кон моторните возила, без никаква размисла за заштита на пешаците, велосипедистите, инвалидите или за тие што се со бебешки колички. Не тврдиме дека тие што не се во автомобил се најсовесните суштества, напротив, односот со несовесност и со сообраќајна некултура е веројатно еднаков и кај едните и кај другите. Но, едните имаат огромна одговорност, зашто возат (буквално!) оружје“, се вели во рекацијата.

Од граѓанската иницијатива велат дека одговорноста на Градот и на градоначалникот ја гледаат во тоа што таму каде што има тротоари, тие се во ужасна состојба. Тие велат дека кога градоначалникот се фали за проширувањето на булеварите, заборавил да каже дека не ги проширува тротоарите ниту, пак, прави велосипедски патеки.

„Како редовни пешаци и велосипедисти, многупати сме принудени да одиме по улица, затоа што или нема тротоар, или на него се паркирани возила или, кога врне, тротоарите пливаат во вода. Велосипедистите се принудени да возат „Париз – Дакар“, со што се доведуваат себеси во опасност, но ги доведуваат и пешаците, зашто немаат каде да возат, со многу малку исклучоци“, објаснуваат од иницијативата.

Според граѓанската иницијатива, точно е она што го кажуваат од Град Скопје, дека сè е политички мотивирано, но сметаат дека е грешка што локалната самоуоправа на тоа гледа негативно, со одбивност и со анимозитет.

„Оваа објава е политичка. Точно. Реакција (како дел од политиката) која се однесува кон лошата политика на локалната власт, која е директно одговорна за инфраструктурата и за безбедноста во сообраќајот. Одговорна е зашто таа треба да обезбеди заштита на учесниците во сообраќајот и, истовремено, регулација преку инфраструктура. Затоа и е одговорна за жртвите во рамките на својот град и на неговата територија. Доколку мислите дека совеста и културата на граѓаните не ја одржувате вие, тогаш сте некадарни и неподобни за функциите што ги извршувате“, пишува во реакцијата на иницијативата „Коце врати ни ги улиците“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нема докази дека Зеленски купил вила од британскиот крал Чарлс Трети за 20 милиони долари

EUvsDisinfo пишува дека, „ниту еден сериозен медиум не објави за ова неосновано тврдење, кое се ширеше исклучиво од про-Кремљ профили и сметки на социјалните мрежи“.  Единствениот извор за оваа...