Два полски универзитети организираат јавна дебата на интернет за заедничкото културно наследството на Полска и Северна Македонија, како и за културните и идентитетски димензии на тековниот контекст на проширување на ЕУ кон Западниот Балкан и улогата на Полска во процесот.

Настанот ќе се одржи на 18. декември во 16:00 часот во живо на Фејсбук, при што ќе биде презентиран извештајот за полското наследство на Балканот (“Polish legacy. Balkan heritage”) кој го покажува полскиот придонес кон културата, уметноста и науката на Западниот Балкан, напишан од Адам Балцер од Колеџот за Источна Европа од Вроцлав и Ригелс Халики од Центарот за источноевропски студии при Универзитетот во Варшава.

На дебатата, покрај двајцата истражувачи, ќе учествуваат и Кинга Нетман-Мултановска, авторка на претстојна книга за работата на полските архитекти во Скопје и Филип Стојановски од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Во 2015 година, Нетман-Мултановска беше дел од тимот за координација на продукцијата на документарниот „Скопје. Уметноста на солидарноста“ (Skopje. The Art of Solidarity), кој презентира дел од полските придонеси во реконструкцијата на Скопје по земјотресот од 1963 г.

Дебатата е дел од серија настани кои се однесуваат и на другите делови на Западниот Балкан (Босна, Црна Гора и Србија, како и Aлбанија и Косово), спроведувани преку проект поддржан од програмата за јавна дипломатија на Министерството за надворешни работи на Полска.