Првата панел дискусија „POINT Talks“ од овогодинешната регионална конференција за политичка одговорност и нови технологии – ПОИНТ“ ги пренесе искуствата од изборните процеси од регионот, коишто се одржаа лани за време на ковид-19 пандемијата. Изборите што се случија во Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора беа во фокусот на денешната дебата што се разви меѓу панелистите.

Беата Мартин – Розумилович, директорка за Европа и Евроазија на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) даде краток осврт за изборните процеси во секоја од овие балкански земји, посочувајќи дека ковид-19 пандемијата доведе до сериозни предизвици за многу аспекти од јавниот живот, вклучувајќи ја демократијата и доброто управување.

„Овие околности донесоа голем број прашања за одржување на вистински избори на начин да се балансираат здравствените проблеми со демократските потреби на земјите. Администраторите на изборите мораа да развијат безбедносни мерки и да ги проценат процесите на денот на изборите за да се осигурат дека гласачите, соработниците и набљудувачите се заштитени и ризикот од изложеност е ограничен“, рече Беата Мартин – Розумилович.

Милица Ковачевиќ, претседателка на Центарот за демократска транзиција од Црна Гора во дискусијата објасни дека оваа земја од Западниот Балкан никогаш немала вонредна состојба поради ковид-19 пандемијата, но изборите во земјата лани се одржале на 30 август, порано од предвидениот рок во октомври, токму поради корона вирусот.

Таа појасни дека за време на изборната кампања биле забранети собирања на повеќе од 20 лица, додека на 10 дена пред изборите не било прецизирано како ќе се одвива гласањето за оние лица кои се заболени од ковид-19 и се наоѓаа во карантин. На крајот, и овие гласачи можеле да гласаат од своите домови на парламентарните избори, а Црна Гора доживеала многу висока излезност во споредба со претходните изборни циклуси.

Организирањето на изборниот ден се одвивало без никакви проблеми, рече Ковачевиќ, но затоа пак сето она што се случувало по прогласувањето на резултатите, масовните славења на победниците, а потоа и маршевите на приврзаниците на дотогаш владејачката партија, довеле до тоа во Црна Гора да порасне бројот на заболени лица од ковид-19.

Во однос на дезинформациите за време на изборната кампања во Црна Гора, Милица Ковачевиќ појасни дека тие доаѓале првенствено од српските таблоиди и од одредени јавни личности, а не од медиумите од Црна Гора. Како пример за класична дезинформација, таа ја посочи изјавата на актуелниот градоначалник на Будва, кој за време на кампањата, рекол дека на граѓаните им се плаќало за да седат во ковид центрите, алудирајќи на тоа дека не постои корона вирусот.

Филип Стојановски, Фондација Метаморфозис

Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис во своето излагање се задржа на две неодамнешни истражувања направени од оваа фондација, а во врска со дезинформациите. Тој го спомена анкетното истражување спроведено во рамките на проектот „Критинк“, кое покажало дека над 60 отсто од населението било подложно на специфични теории на заговор поврзани со ковид-19 пандемијата. И покрај ова, дезинформациските кампањи немале целосна доминација во нивниот обид да ја срушат довербата на граѓаните кон институциите во овој период.

Во однос на изборниот период, Филип Стојановски го цитираше истражувањето подготвено од Фондацијата Метаморфозис во партнерство со германската фондација Фридрих Нојман, во кое биле испитани дезинформациски содржини третирани преку статии за проверка на фактите, написи за дебанкирање или текстови во форма на контраспинови.

Па така, тој посочи на петте најчести вида на дезинформации поврзани со предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули 2020 година, за време на ковид-19 пандемијата. Првата ги вклучува политичките манипулации за датумот на изборите, втората опфаќа обвинувања за намерното „жртвување на животи“ на граѓаните, третата се обвинувањата за здравствените протоколи направени „по мерка“ на политичарите, а тука се и дезинформациите за привилегиран третман на конкретни групи на гласачи и промените на политиката после изборите.

Филип Стојановски нагласи дека мора да има активни мерки за борба против дезинформациите во општеството, кои нема да доаѓаат единствено од граѓанскиот сектор. Тој додаде дека за време на ковид-19 пандемијата, многу е важно да се разбере оти дезинформациите се закана за демократијата и за здравјето на граѓаните.

Во однос на изборите во Србија, на панел дискусијата говореше Павле Димитријевиќ, раководител на правното одделение на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност ЦРТА од Србија. Тој посочи двајца главни актери на ширењето на дезинформациите во однос на ковид-19 пандемијата во оваа земја. Првиот е Бранимир Несторовиќ, кој како член на српскиот Кризен центар за борба против корона вирусот, ширел дезинформации во однос на пандемијата. Вториот актер, кој бил многу активен за време на изборната кампања, била политичката партија „Доста је било“, која според Димитријевиќ, ширела дезинформации во врска со ковид-19 пандемијата.

Тој дополни дека владејачката партија во Србија била активна на терен со посета на домовите, особено во делот на „распределба на хуманитарна помош“ низ руралните средини во земјата. Димитријевиќ говореше и за протоколите за гласање, кои биле објавени на четири дена пред гласањето на српските парламентарни избори. Наспроти медиумската доминација на власта, опозицијата ја водела кампањата за бојкот на изборите онлајн, при што излезноста на изборите била една од најниските досега во Србија и посебно имала ефект во Белград.

Во својство на поранешен политичар, на панел дискусијата учествуваше и екс-министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски. Тој посочи дека ковид-19 пандемијата влијаела врз начинот на организирање на изборната кампања во Северна Македонија, но немало големо намалување на излезноста на изборниот ден лани. Во поглед на дезинформациите, Манчевски рече дека на последните избори земјава не била предмет на толку голема дезинформациска кампања како што беше тоа случајот со периодот пред одржувањето на референдумот во 2018 година.

Инаку, покрај денешниот првичен „POINT Talks“, целокупната овогодишна ПОИНТ конференција ќе се одржи во дигитален формат, а содржината од настаните на конференцијата што допрва претстојат ќе бидат достапни на платформата pointtalks.zastone.ba, како и на социјалните мрежи. Заедно со „POINT Talks“, во наредниов период предвидени се и онлајн настаните: интервјуа „60 секунди“, приказна во живо, но и разновидни презентации и работилници преку кои ќе се понуди разновидна содржина преку избор на тема на месецот.