fbpx

Поднесено обвинение против Здравев за спомениците од Скопје 2014, Груевски куртули

Овој предмет познат во јавноста под кодно име „Феникс“ се однесува на начинот на кој се переле пари од 11 споменици од проектот „Скопје 2014“ и потоа „чисти“ се враќале во земјава

-

Против поранешниот претседател на Советот нa oпштина Центар, Владимир Здравев, неговиот брат, нивната мајка и двајца управители на фирми, Јавното обвинителство поднесе обвинение за перење пари, а во врска со леењето на спомениците од проектот „Скопје 2014“. Со ова обвинение, на еден начин „се спаси“ една половина од предметот поврзан со злоупотреби во врска со „Скопје 2014“, со оглед на тоа што останатиот дел застаре, со контроверзните измени во Кривичниот законик.

Првично, во предистрагата беа опфатени 15 луѓе, повеќето од нив многу добро познати за јавноста како креатори на „Скопје 2014“ – експремиерот Никола Груевски, Зоран Ставрески, поранешен министер за финансии, Елизабета Канческа Милевска, ексминистерка за култура, поранешниот претседател на Советот за Општина Центар Владимир Здравев, ексградоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ и неговата претходничка Виолета Аларова.

Груевски, Ставрески, Канческа, Тодоровиќ и Аларова се сомничеа за злоупотреба на службената положба, по член 353, став 5 од Кривичниот законик (КЗ). Согласно тогашните законски одредби, според овој став, осомничените лица можеше да бидат осудени на најмалку 5 години затвор (најмногу 20 години). Апсолутна застареност на делото настапуваше дури по 40 години. Со експресните измени кои беа донесени надвор од очите на јавноста и без јавни консултации, за злоупотреба на службената положба максималната казна сега е 5 години, што значи дека апсолутна застареност настапува за 10 години. Во случајов, Груевски, Ставрески, Канческа, Тодоровиќ и Аларова сомнежите беа дека делата ги сториле пред 2013 година, што значи дека веќе е настапена застареност.

Тоа не е случај и со делото за перење на пари, за кое сега е обвинето семејството Здравеви и двајца управители на фирми, а обвинителен предлог е поднесен против шест правни лица.

Овој предмет познат во јавноста под кодно име „Феникс“ се однесува на начинот на кој се переле пари од 11 споменици од проектот „Скопје 2014“ и потоа „чисти“ се враќале во земјава. За случајот, Здравев, неговиот брат и уште едно лице се во домашен притвор и Обвинителството бара продолжување на истиот, со оглед на веројатноста тие да се дадат во бегство. На едно лице му е определена мерка на претпазливост – обврска еднаш неделно да се јавува во суд, додека едно лице се брани од слобода со определена гаранција.

Здравеви и останатите обвинети имаат хотели, деловни простории и станови, имот, за кој се обвинети дека е стекнат преку перење пари. Тој е привремено обезбеден и истиот ќе биде предложен за конфискација од страна на обвинителството.

Дел од парите се переле преку други држави

Според обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, Здравев, за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело, како организатор, создал група што се занимава со перење на пари. Членови на групата меѓу другите станале и останатите четворица обвинети.

„Во состав на групата делувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани“, велат од обвинителството.

Во пет од обвинетите фирми Здравев се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко делување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица, обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во земјава и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави.

„Потоа, со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот во државава и во странство и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Македонија“, објаснуваат од обвинителството.

Една половина од предметот за спомениците избришана како со гума

Воинот на коњ, двата пара лавови, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Методија Андонов Ченто, Цар Самоил, Јустинијан Први, АСНОМ, Основачите на ВМРО беа единаесетте споменици, за кои постоеја сомнежи дека се переле пари преку нивното леење во Италија. Од буџетот на граѓаните се плаќале високи суми пари, а во Италија се лееле за многу пониска сума. Остатокот од парите на различни начини повторно влегувале во земјава, но овојпат не во буџетот, туку на туѓи сметки.

Во отворањето на предистрагата, обвинителот Љубомир Лапе, рече дека откако бил  распишан тендер за леарница, прифатени била понуди од леарницата од Италија Фондериа Маринели, која првенствено не ги исполнувала условите ниту пак доставвувала комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати понуди на тендерите. Италијанскиот државјанин, сопственик на леарницата, на располагање им ги ставил неговите фирми, кои понатаму на други фирми доставувал однапред направени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат дејност леење или обработка на мермер.

Подоцна, изработката на спомениците со потдоговори, се пренесувала на сосема други леарници, но за далеку пониски цени, а тој лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица. Па така на пример, ако тендерот за леење на Воинот на коњ во земјава изнесувал 4,7 милиони евра, во Италија бил излеан за 2,3 милиони евра.

Потоа, следувало „перењето на парите“, кое според обвинението, било водено од Здравев и за ова денеска беше поднесено за обвинение. За ништо останато епилог нема да има, со оглед на експресните тајни измени во Кривичниот законик со кои застареа голем број дела од висок криминал и корупција, најчесто отворени од поранешното СЈО.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...