Напаѓач, кој извикувал „Исламска држава“, утрово избодел наставник во училиште во париското предградие Обервилие, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, напаѓачот почнал да извикува „Ова е Исламска држава, ова е предупредување“, по што го избодел наставникот со нож за сечење кутии или со ножици.

Според информaциите, наставникот, кој бил повреден околу вратот, е надвор од животна опасност, додека напаѓачот е во бегство и полциијата трага по него.

Напаѓачот, како што пренесуваат медиумите, во училиштето дошол невооружен, а нападот го извршил со предмет кој го нашол во училницата.

Одделот за антитероризам на обвинителството во Париз отворил истрага за обид за убиство поврзано со тероризам.

Франција и понатаму е со подигнато ниво на тревога и безбедносни мерки, по терористичките напади на 13 ноември, во кои загинаа 130 лица.

Како што пренесуваат светските агенции, неодмна Исламска држава преку својот магазин на француски јазик „Дар ал Ислам“ ги повикала своите поддржувачи да убиваат наставници во Франција, бидејќи, како што било наведено, тие се „непријатели на Алах“ поради секуларизмот што го предаваат.