fbpx

Почна постапка за фирмата што не ја изгради новата болница во Кичево

Во овој договор рокот за завршување на изградбата на Општата болница во Кичево е 2024 година, односно рокот определен за завршување на овој договор е 36 месеци, односно 3 години

-

Почната е постапка за раскинување на договорот со фирмата која не успеа да ја заврши изградбата на болницата во Кичево, јави Порталб.мк

Од Министерството за здравство за Порталб.мк соопштија дека е покрената постапка за раскинување на договорот со фирмата која не успеа да ја заврши изградбата на општата болница во Кичево. Порталб.мк ги обезбеди и договорите, едниот од 2014 година и вториот од 2021 година, во вкупна вредностод 9 милиони евра.

Од Министерството за здравство одговориле на барањето на Порталб.мк и врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доставиле документите со договорите за Општата болница во Кичево. Според документите, во јануари 2021 година, кога министер за здравство беше Венко Филипче, Министерството за здравство склучило договор за доизградба на болницата.

Во овој договор рокот за завршување на изградбата на Општата болница во Кичево е 2024 година, односно рокот определен за завршување на овој договор е 36 месеци, односно 3 години.

Договорот за реконструкција, пренамена, адаптација, изградба и доградба на Општата болница во Кичево е потпишан помеѓу Министерството за здравство и фирмата „ТДПТУ Инсталими“, од село Длапкин Дол, од Зајас Кичево, како што е наведено во договорот, застапено од Рукије Исеини.

Втората фаза од изградбата на болницата е во вредност од 351.631.336,82 денари, односно 5 милиони и 700 илјади евра.

Но, она што се истакнува е фактот дека ова не е единствениот договор што Министерството за здравство го склучило со оваа фирма за изградба на болницата во Кичево.

Во 2014 година, Министерството за здравство склучило договор со истата фирма за изградба на болницата во Кичево, вреден 207.278.800 денари, односно 3 милиони и 300 илјади евра.

Вредноста на договорот за изградбата на болницата во Кичево во 2014 година. Фото: принтскрин од договорот за изградба на болницата во Кичево

Вкупната вредност на двата договора, без анекс договорите што се склучени за дополнителни трошоци, изнесува 9 милиони евра или 558.910.136 денари.

На повтореното прашање кога ќе се раскине споменатиот договор, од Министерството за здравство рекоа дека постапката за раскинување на договорот е започната.

„Во однос на второто прашање, во моментов е во постапка раскинувањето на договорот, односно постапката за раскинување на договорот е започната“, велат од Министерството за здравство за Порталб.мк.

Во договорот јасно пишува дека доколку пред истекот на рокот на договорот е јасно дека фирмата нема да ги исполни своите обврски, односно изградбата на објектот нема да биде завршена, Министерството за здравство може да го раскине договорот и да побара надоместок за направената штета.

Порталб.мк потсетува дека на 13 ноември министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека разгледува некои дилеми со цел Министерството за здравство да не претрпи штета како последица на едностраното раскинување на договорот, десет дена откако изјави дека договорот ќе биде раскинат.

Маратон на неуспеси
Во август 2023 година, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити најави дека договорот со градежната фирма ќе се раскине, бидејќи на терен не се одвиваат градежните работи.

На 2 ноември 2023 година, на една прес конференција прашан од страна на Порталб.мк околу тоа дали договорот е раскинат, тој изјави дека се очекува договорот со градежната фирма да биде раскинат во рок од една недела.

На 13 ноември 2023 година, Порталб.мк повторно достави прашање до Министерството за здравство за тоа дали е раскинат договорот, и од таму изјавија дека се во процес на разгледување на некои дилеми со Владата со цел Министерството за здравство да не претрпи штета како последица на едностраното раскинување на договорот.

Во ноември 2022 година, тогашниот министер, Беким Сали изјавил дека за Општата болница во Кичево се издвоени 60 милиони денари.

Во март 2021 година, Министерството за здравство, во времето кога министер за здравство беше Венко Филипче, потпиша договор за стручен надзор врз градежните работи за реконструкција, пренамена, адаптација, изградба и доградба на општата болница во Кичево. Но, на терен не се работеше, односно немаше никаква активност.

Во 2019 година, Министерството за здравство објави јавен оглас за градежните компании за реализација на втората фаза од Општата болница во Кичево. На овој оглас конкурираше фирмата ИНКОМ Инџиниери – Скопје. Во проектот се објаснети сите недостатоци од првиот проект и на што треба да се фокусира втората фаза од изградбата.

Во септември 2017 година, поранешниот министер за здравство, Aрбен Таравари ја посети болницата и за медиумите изјави дека се издвоени средства за доизградба на болницата, со ветување дека до април 2019 година болницата ќе биде готова.

Во декември 2016 година, Државниот секретар на Министерството за здравство, Насуф Ипче во една изјава за ТВ Гура вети дека во 2017 година Кичево ќе има нова болница.

Во декември 2015 година, Ипче ја посети болницата и вети дека во 2017 година ќе биде завршена и првата и втората фаза.

Во 2014 година, Владата донесе одлука за започнување на голема инвестициска операција на овој болнички објект. Според министерот за здравство, градежните работи требаше да завршат во рок од 18 месеци (септември 2014).

Но, и покрај тоа, ова ветување не се исполни. Во меѓувреме жителите на Кичево се принудени здравствените услуги да ги добиваат во старата болница, која не ги задоволува потребните услови.

„Што се однесува до одделенијата, како одделението за интерни болести, гинеколошкото, акушерското одделение имаат задоволителни услови, истите се сместени во малку понови објекти и имаат нова и современа опрема. Што се однесува до амбулантите, итната помош, инфективните болести и урологијата, условите се далеку од задоволителни, слободно можам да кажам дека се лоши. Болницата има потреба од подобри услови, кои се надеваме дека ќе ги имаме кога ќе се преселиме во новиот објект“, пишува Порталб.мк.

Од 1985 година до 2013 година, Општата болница во Кичево е во мизерна состојба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...