По ланскиот интерес, здружението „Гоу Грин“ по втор пат собира младински барања за зелени општини

Извор на фотографии: Гоу Грин

По минатогодишниот успех кога младите од шест општини низ земјава ги избраа зелените проекти кои побараа да се реализираат од идните градоначалници, здружението „Гоу Грин“ информира дека по втор пат годинава ќе организираат собирање на младинските барања за зелени општини во земјава.

„Младите не се застапени во општините и сè уште во поголемиот дел не се оформени локалните младински совети – тела кои треба да се залагаат за интересите на младите. Преку овој процес го пренесуваме гласот и потребите на младите во нивната општина. Тие да бидат слушнати! Климатската криза со која се соочуваме бара итни мерки и се што е направено доцна само може да не чини повеќе. Затоа е важно овие промени да дојдат од вашите заедници, и оттаму да се издигнеме кон решавање на глобалниот предизвик“, велат од „Гоу Грин“.

Тие ги охрабруваат сите млади да поднесат екопредлог што мислат дека е потребно нивната општина да ја промени и да стане по зелена и по еколошка општина. Сите тие млади кои сакаат да бидат дел од оваа зелена-еко промена можат тука да ги поднесат нивните предлози.

„Со здружението Гоу Грин Скопје веќе 12 години работиме со млади, со посебен фокус на младински екоактивизам. Се радуваме на фактот дека оваа година сме добитници на наградата за младинско учество, поконкретно за овој процес на реализација на младинските барања за зелени општини, награда доделена од Агенција за млади и спорт и Национален Младински Совет, со што се валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања“, појаснува Арта Ќерими, проектен координатор.

Имајќи предвид дека Законот за младинско учество беше веќе донесен а со тоа и одговорностите на општините за вклучување на младите се зголемија, минатата година локалните избори беа одлична можност да почнеме да работиме на директно вклучување на младите во работата на општините. Во таа насока, активистите на „Гоу Грин“ креираа младински барања за 6 зелени општини, кои подоцна беа успешно потпишани со 18 кандидати за градоначалници од 6-те општини во форма на Меморандум за соработка.

„Оваа година го следиме процесот на реализација на минатогодишните барања, и секако поднесуваме нови и свежи предлози од младите за зелена општина“, велат од „Гоу Грин“.

Тие додаваат дека преку создавање и прикажување на добри практики меѓу локалните самоуправи и младите луѓе за локални теми поврзани со заштитата на животната средина и климатските промени, ја зајакнуваат демократијата и вклученоста на младите во донесувањето на одлуки.

Инаку, Мета.мк лани пред одржувањето на локалните избори пишуваше за проектот на „Гоу Грин“, со кој младите лица од општините Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Куманово и Прилеп им доставија конкретни зелени проекти на кандидатите и кандидатките за идни градоначалници на овие локални самоуправи. Проектот значеше и обврзување на претставниците на партиите и независните кандидати дека ќе ги исполнат заложбите на младите во нивниот мандат од четири години.

Младите од шест општини избраа зелени проекти кои ги бараат од идните градоначалници

Преку дигиталниот прашалник „Мојот предлог за зелена општина“ минатата година беа собрани повеќе од 600 предлози на младите од овие шест општини, при што преку оформените зелени комисии во секоја од општините, беа избрани по околу 10 најдобри проекти за секоја општина, кои биле преточени во формални документи.