Технолошките компании чии алгоритми ги носат британските тинејџери кон содржини како оние создадени од инфлуенсерот Ендру Тејт, би можеле да подлежат на нов закон што се подготвува во Обединетото Кралство.
Владата на Велика Британија се спротивстави на амандманите на Законот за онлајн безбедност, но загуби од мнозинството во горниот дом на Парламентот, јавува Би-би-си.
Бароницата Кидрон, која ги поддржа амандманите, рече дека фирмите мора да одговараат за алгоритмите што ги водат луѓето до штетна содржина на интернет.
Како што посочи таа, ова би вклучувало „содржински неутрални алгоритми кои намерно ги туркаат 13-годишните момчиња кон Ендру Тејт – не поради некоја конкретна причина, туку едноставно поради претпоставката дека 13-годишните момчиња се слични едни на други и еден од нив веќе бил на страницата“.
Бароницата за време на дебатата во горниот дом рече дека влијанието на алгоритмите „ги потресе училиштата бидејќи наставничките и девојките се борат со ставовите и постапките на младите момчиња и ги растргнаа семејствата кои повеќе не ги препознаваат своите синови и браќа“.
„Да се туркаат стотици илјади деца кон Ендру Тејт без друга причина освен комерцијална корист од ефектот на мрежата е травестија за децата и ги поткопува родителите“, рече Кидрон.
Британската влада, пак, тврди дека измените ќе ги одложат на долг рок другите мерки за заштита на децата кои исто така се вклучени во нацрт-законот.
Во нацрт-законот, кој е во последните фази пред донесување, се предвидува регулација на компаниите за социјални мрежи и интернет-пребарувачите со цел да се заштитат корисниците од штетна и нелегална содржина.
Ендру Тејт е во домашен притвор во Романија по обвиненијата за силување, трговија со луѓе и формирање криминална банда за сексуална експлоатација на жени.
Инфлуенсерот, кој има милиони следбеници на интернет, ги негира обвиненијата против него.
Самопрогласениот мизогинист е забранет на многу од големите социјални мрежи, вклучително и Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и ТикТок.
Инфлуенсерот беше забранет и на Твитер, социјалната мрежа која подоцна му го врати пристапот до платформата.
Британските либералдемократи и лабуристите, како и дел од конзервативците, исто така ги поддржаа амандманите.