Почна исплатата на последните субвенции за студентски оброк за годинава

За овој месец студентите на своите трансакциски сметки добиваат по 3.080 денари

Илустрација: Мета.мк

Денеска започна исплатата на субвенционираниот студентски оброк за јуни – последниот месец од академската година за кој студентите добиваат средства по овој основ. За овој месец на трансакциските сметки на студентите легнуваат по 3.080 денари, што претставува највисок износ досега исплатен за оваа намена.

Овие средства се последни што студентите ќе ги добијат за оваа академска година, но и последни што се исплаќаат на нивните трансакциски сметки. Според најавата, од септември треба да почне да се применува системското решение, со кое студентите преку посебни дигитални картички или мобилна апликација ќе можат да купуваат оброци кај регистрирани даватели на услугата  – ресторани, барови, продавници и тоа во определени периоди во денот.

Законското решение за субвенциониран студентски оброк е создадено според примерот кој со години функционира во Словенија.