fbpx

Платформата за борба против корупција бара оставка од Јовески поради нецелосната истрага за тетовската модуларна болница

Миша Поповиќ од Платформата кажа дека во документите објавени од ИРЛ се чини дека повеќе, односно поголем дел од работите се јасни, но не биле земени предвид во покренувањето на обвинението

-

Во документарецот на ИРЛ се виде она што се шпекулираше, дека Јавното обвинителство ја нема спроведено целосно истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој живи изгореа 14 лица и не се наведува како настанале причините за пожарот. Ова денеска го истакна Дарко Аврамовски од Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Претставници на организациите денеска во изјави за медиумите пред зградата на Обвинителството побараа оставка од Љубомир Јовески.

„Обвинителството не навлегува во наводите понудени во вештачењето од експертите од Германија, каде е констатирано дека поради аномалии во градбата имало брзо ширење на пожарот. Во таа насока соодветно би било ако јавното обвинителство темелно ги истражи овие случувања и да се види дали треба да се сноси некаква одговорност за начинот на кој е изградена болницата“, рече Аврамовски.

Претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата пред зградата на Јавното обвинителство. Фото: Мета.мк

Снежана Камиловска Трповска, од изведеното во документарецот „Убиство во Тетово“, кажа дека истрагата на јавното обвинителство за случајот не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во службената експертиза на германските експерти, како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица.

„На ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од ЗКП, а притоа во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продолжуван рокот согласно ставовите 2 и 3 од истиот член, ниту зошто и покрај ова продолжување истрагата не резултира со завршница“, кажа Камиловска Трповска.

Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата доставија и официјално писмено барање за оставка на Јовески до Јавното обвинителство.

Миша Поповиќ од Платформата кажа дека во документите објавени од ИРЛ се чини дека повеќе, односно поголем дел од работите се јасни, но не биле земени предвид во покренувањето на обвинението.

„Клучно е тука недоволното земање предвид на заклучоците од германското вештачење, кои укажуваат дека веројатно требало да се прошири листата на обвинети луѓе“, кажа Поповиќ.

Вчера повеќе од стотина граѓани во Тетово го искажаа својот револт поради тоа што нема правда и одговорност за четиринаесетмината луѓе кои живи изгореа во трагедијата што се случи во тетовската модуларна болница. Тие своето незадоволство го искажаа пред зградата на тетовското Основно јавно обвинителство и Основниот суд, каде што имаше силно полициско обезбедување. Граѓаните исто така побараа оставка од јавниот обвинител Јовески.

Четиринаесет лица изгореа живи, а никој за тоа не одлежа ниту еден ден затвор, кажаа протестирачите во Тетово

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.