Автор: Арбнора Мемети

Европа е повторно жариште на нов бран на заразени со ковид-19, болеста што ја предизвикува новиот корона-вирус. Балканскиот полуостров е особено зафатен со новиот наплив на заразени. Кривите на графиконите на сите земји во регионот се движат во нагорна линија, нешто што здравствените експерти и епидемиолози го најавуваа уште пред неколку месеци. Ниските температури, а со тоа и почестите престои во затворени простории, но и организирањето масовни собири, протести и непочитувањето на правилата за носење маски и одржување растојание, го зголемува бројот на случаи на дневно ниво насекаде во соседството.

Ако се погледне ситуацијата во Хрватска и Словенија, се забележува дека бројот на новозаразени пациенти на дневно ниво рапидно расте. Така, во овие две земји вчера (20.10.2020) беа регистрирани по 1.400 и 1.300 случаи. На неделно ниво бројките на новозаболени се движат од 5 до 6.000 случаи. Пред околу една седмица овие бројки биле над 700 случаи дневно, односно околу 3.500 неделно. Расте бројката и во Босна и Херцеговина. Во последните денови бројот на нови случаи варира околу 300, но вчера таму беа регистрирани над 700 новозаболени. Вкупната бројка на регистрирани заразени во БиХ до 21.10.2020 г. изнесува 35.389, во Словенија 14.473, а во Хрватска 26.863.

Кривата на графиконот на новозаразени пациенти е во пораст и во Црна Гора. Според приказите и податоците, значителен пораст на бројката започнал од средината на септември, а во последниве денови е достигнат врвот со над 4.500 активни случаи. Како што се влошува епидемиолошката состојба во конкретни општини, така во тие места стапуваат на сила рестриктивни мерки. Така, во Будва, Цетиње, Улцињ, Бело поле е забранета работа на угостителски објекти како и собирање по дома на лица кои не се членови на семејството. Исто така забрането е и излегување од дома во периодот од 22 до 5 часот наутро.

Над 300 нови случаи дневно има и во Албанија, главното жариште е Тирана. Во државата, многу од пациентите имаат потреба од хоспитализација. Се размислува за воведување нови рестриктивни мерки, а во меѓувреме важи правилото за носење маска и на отворено, нешто што се казнува ако не се почитува. Не е сјајна ниту ситуацијата во Косово. Како последица на коронавирусот таму починаа 653 лица, а од почетокот досега евидентирани се 17.651 случаи.

Раст бележи и Бугарија, државата во која бројот на починати лица веќе надмина 1.000. Се рушат негативни рекорди и во бројот на новозаразени пациенти, па така вчера (20.10.2020 г.) во Бугарија беа регистрирани 1.336 случаи. Во однос на мерките, во поголемите градови се најавени поголеми мерки на заштита.

Д-р Александар Стојанов, долгогодишен епидемиолог и директор на Центарот за јавно здравје, за Мета вели дека ако не се земе предвид Србија, бидејќи има реални сомнежи за ситуацијата таму, во сите други земји бројките растат цело време.

– Во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, бројот на ковид-случаи расте цело време. Дваесет отсто од тестираните во Словенија се позитивни, што е висок процент. Сега таму воведуваат полициски час од 21 часот навечер до 6 часот наутро. Шведска сега почнува за затвора кафеани, Белгија веќе ги затвори кафаните на два месеци. Париз воведе полициски час. Ние, она што го предлагаме, не го крстивме полициски час, но сите ресторани, бурекџилници, продавници за бели пецива, кафеани, бензиски пумпи и секаде каде што се собираат повеќе луѓе, нема да работат во периодот од 23 часот навечер до 5 часот наутро. Нема воопшто да работат за да биде намалено движењето. Ако и тоа не помогне, следен чекор ќе биде полициски час – вели д-р Стојанов.

Според него, мора да се почитуваат мерките за да дадат резултат.

– Јавниот превоз ни е голем проблем. Ние предложивме да се зголеми бројот на автобуси, за да се редуцира влезот на патниците во еден автобус, а патниците притоа сите да се со маски. Ако тоа се почитува, ќе биде во ред. Инаку, од 9 септември досега имаме само 18 деца позитивни кои посетувале градинка, но биле од надвор донесени позитивни, ниедно нема заразено во градинка. Тоа е така зашто се почитуваат протоколите во градинките. И во училиштата има многу малку ученици кои се позитивни. Имаме позитивни професори исто така од надвор заразени, заради кои цели одделенија се во изолација. Но, главно, во училиштата и во градинките се почитуваат правилата – вели Стојанов.

Прв полициски час во земјава имаше на 22 март, речиси еден месец по првиот регистриран случај во државата. На 20.10.2020 бројот на случаи во земјава надмина 24.000, а од нив 850 починаа.

Иако Владата предложи, сега постојат потешкотии при воведувањето на предлог-мерките бидејќи државата повеќе не е во вонредна состојба, па одлуките на Влада мора да поминат преку Собранието. А, опозицијата го блокира усвојувањето на овие мерки во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ прво бараше повеќе време да ги разгледа мерките пред да ги гласа, па сега бара од министерот за здравство Венко Филипче да формира нова советодавна комисија за справување со ковид-19. Министерот Филипче експресно го одби ова барање.

„Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението. Од почеток на ковид кризата во земјата од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата“, рече Филипче.

Сепак, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе присуствуваат на закажаната седница на Собранието за усвојување на предлог-мерките од владата, но ќе гласаат воздржано.

„Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог-закон да помине“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.