fbpx

Пламен од запалка, причина за пожарот во фабриката за пиротехника во Сопиште

-

Директна изложеност на пламен од запалка била причината за пожарот во фабриката за пиротехника „Ице – мак“ ДОО во Сопиште, кој се случи на 24 јули 2014 година и во кој животот го загубија три лица, утврдила истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје, соопштија денеска од јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, по наредба на обвинител била извршена реконструкција на дел од производниот процес во фабриката, во кој било утврдено дека само отворен пламен можел да го предизивка пожарот, а со овој став, според обвинителството, се согласил и техничкиот советник на одбраната.

„За утврдување на точната причина за пожарот, вешти лица од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, анализираа неколку можни причини за запалувањето на припалните гази за производство на ЦС-куршуми и на солзавец во фабриката: статички електрицитет, слободна лебдечка прашина која се ослободува во процесот на кроење на газите, искра и отворен пламен“, стои во соопштението на Обвинителството.

Во текот на истрагата, велат оттаму, биле сослушани десетина сведоци, меѓу кои клучен бил исказот на еден од работниците во фабриката, кој како очевидец, посведочил дека слушнал звук од запалка непосредно пред пожарот.

„Запалката била употребена од едно од настраданите лица во пожарот. Воедно, при увидот на местото на настанот пред просторијата е пронајдена запалка и мобилен телефон, кои му припаѓале на еден од загинатите работници, од чија почетна работна позиција беше утврдено дека почнал пожарот“, велат од обвинителството.

Надлежното јавно обвинителство поднело обвинение против управителот на фирмата „Ице – мак“, како одговорно лице за кривично дело непреземање мерки за заштита при работа и против фирмата за истото кривично дело.

„Меѓу другото, увидот извршен од надлежното обвинителство покажа дека работодавецот има подготвено збирно работилничко упатство во кое се дадени мерки за лична заштита на работниците, како што е забрана за внесување цигари, запалки, алкохол, дрога, мобилни телефони, клучеви и други остри метални предмети во фабриката. Но, ваквите дадени забрани не се почитувале од вработените. Дополнително, надлежниот јавен обвинител, врз основа на извршениот увид на Државниот инспекторат за труд и преземените истражни дејства, оценил дека во фабриката постоеле низа пропусти во поглед на непридржување кон прописите за заштита при работа“, стои во соопштението од обвинителството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...