fbpx

Партиски препукувања: кој е главниот виновник поради што Македонија извиси во Брисел?

Владејачката партија смета дека поради блокадата на опозицијата во македонското Собрание државата не ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ, додека пак според опозицијата, Македонија е блокирана е резултат на слабата меѓународна политика на власта

-

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преку преписки се докажуваа кој е виновен бидејќи државата не ги отворила поглавјата од преговорите со ЕУ, по последниот Самит на ЕУ. Владејачката партија смета дека поради блокадата на опозицијата во македонското Собрание државата не ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ, додека пак според опозицијата, Македонија е блокирана е резултат на слабата меѓународна политика на власта.

„Иако целосно успешно заврши процесот на скрининг, иако нема нови услови и поддршката од европските лидери за трасираниот пат на Македонија кон Унијата е силна, поглавјата останаа затворени поради политиката на блокади на ДПМНЕ и Левица. Мицкоски и ДПМНЕ се криви за блокадата на европскиот пат. Со ДПМНЕ нема ЕУ, има изолација, неизвесност и стагнација“, велат од СДСМ и додаваат дека „Христијан Мицкоски по кој знае кој пат ги стави своите лични лични интереси пред интересите на македонскиот народ и граѓаните кои живеат во Македонија“.

Од СДСМ велат дека граѓаните и конкретно се увериле дека единствен кочничар на европскиот пат е анти-ЕУ коалицијата на ДПМНЕ и Левица. Истото ова го кажа и премиерот Димитар Ковачевски на обраќањето во Брисел, а го повтори и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ковачевски од Брисел: Единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ЛЕВИЦА

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека е за поздрав тоа што завојуваната Украина почнува преговори за ЕУ, но прашањето е зошто нема преговори со Македонија.

„Она што се случи изминатава недела е најдобар доказ на тоа што ние а и јас лично го зборуваме од 2018-та година па навака еве пет и пол години, а тоа е дека основната причина зошто Македонија не ги почнува преговорите е високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта. Зошто го велам ова? Затоа што доколку не беше така проблемот со Бугарија големите европски сили ќе го решеа за едно претпладне или попладне можеби и толку немаше да им треба, можеби и за час – два ќе го решеа. Ќе отидеше еден висок европски претставник во Софија ќе се сретнеше таму со кого треба да се сретне и проблемот немаше да постои“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

Според него, Бугарија е само добар изговор за 4-5 големи земји членки на Европската Унија.

„Да не беше така немаше Македонија да чека волку долго и само да ја потсетам јавноста дека во 2018-та и 2019-та година немаше бугарско вето, тоа дојде дури во март 2020-та година, но Македонија не почна преговори ни 2018-та, ни 2019-та година, а од март 2020-та година, па до денес големите европски центри не прават ништо да ја натераат Бугарија да го повлече ветото, а всушност најдобар доказ за тоа е ова што се случи со Украина. Еве од СДСМ велат дека Олаф Шолц германскиот канцелар им е голем пријател, нели се од исто политичко семејство, социјалистите од социјалдемократите па се прашувам зошто тие големи пријатели кои ги имаат со кои нели се фалат и се китат со туѓи перија, не го замолија бугарскиот премиер да излезе на едно кафе на 15 минути да се изгласа одлуката Македонија да почне преговори со Европската Унија и на тој начин да се реши проблемот“, рече Николоски.

Фото: Влада на РСМ

Одлуката на лидерите на земјите членки на ЕУ, што ја објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел беше дека Украина и Молдавија ќе почнат пристапни преговори за членство во ЕУ. Унијата ѝ додели кандидатски статус на Грузија, а ќе ги отвори преговорите со БиХ кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство.

Eвропскиот совет во заклучоците ја потврди целосната и недвосмислена поддршка на перспективата на Западен Балкан во ЕУ, и повика на забрзување на процесот на придружување на регионот.

„Европскиот совет го нотираше дописот на Комисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан, чија цел е да се забрза социо-економското конвергенција меѓу Западниот Балкан и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрува регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ. Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин заснован на заслуги“, се вели во заклучоците.

ЕУ е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ги спроведе уставните измени.

„Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени“, се наведува во документот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...