Отворен повик за млади креативци и гејмери за изработка на концепт за видео игра

Со цел подигнување на свеста за заштита на животната средина, Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) во рамките на проектот „Видео игротека“ објавува повик за подготовка на концепт за видео игра на тема „Зачувување на животната средина“, за млади на возраст од 10 до 18 години.

„Целта на проектот е да се промовира етички однос кон природата и да се потенцира овој проблем како многу важен и клучен за развој нa здраво општество и земја. Видео игрите кои се дел од активностите од проектот треба да послужат како алатки за подигање на општествената свест кај младите. Идејата е и младите да се запознааат со креативните можности кои ги нуди еден од најбрзо растечките нови медиуми, а тоа се видео игрите“, велат од УМПАКИ.

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови и индивидуалци кои можат да аплицираат најмногу со по два концепта за видео игри. Натпреварувачите ќе треба да смислат концепт за играта, да приложат минимум 5 слики и нацрти (концепт артови или дизајни) за играта. Идеите ќе ги оценува стручно жири составено од програмери, гејмери, професори, а најдобриот концепт ќе добие награда – професионални гејмерски слушалки.

Предлозите за игрите да се испраќаат на [email protected] најдоцна до 18 октомври 2020.

Проектот „Видео игротека“ е поддржан од Министерството за култура.