„Текен 8“ излегува на 24 јануари

Веќе има игри во Демо на Текен 8 достапни бесплатно, што значи дека веднаш може да ја испробате играта, секако, со смалени можности - токму како демоата во старите добри времиња на почетокот на видеоигрите

Во пресрет на излегувањето на Tekken 8 (Текен 8) на 24 јануари, загреаноста за оваа најнова верзија на игра со боречки вештини полека расте.

„Текен 8“ ќе излезе на сите конзоли, како и со верзија за десктоп или лаптоп компјутери (персонални компјутери), а се очекува да направи вистинска револуција во игрите со боречки вештини.

Секако, новата „Стрит Фајтер“ има добри оценки за игривоста, исто како и најновата „Мортал Комбат“ – иако Стрит Фајтер е бајаги олеснета, додека Мортал Комбат прекомплицирана. Затоа, „Текен 8“ би требало да биде златната средина и најуспешна од сите три – досегашните верзии беа убедливо повеќе „играни“, токму поради добрата оптимизација на играта, што значи дека може да се игра „течно“ и на не толку силни компјутери, додека другиве две бараат натпросечна гејмерска машина.

На конзолите, како PlayStation и Xbox, играта не сецка, иако, реално, при играње со повеќе играчи од различни континенти, знае да направи „нефер“ лаг, односно доцнење на потезите и анимациите. Да се надеваме дека Текен 8 нема да го има тој проблем.

Во ова видео со нарација на актерот Брајан Кокс (познат по улогата на Агамемнон во филмот „Троја“ но и многу други карактерни улоги) објаснета е целата приказна на семејството Мишима, која е и главна приказна во овој дел:

Во Текен 7 имаше многу различни ликови, но без конкуренција најефикасен борец беше Казуја Мишима – најлесен за играње, со моќни удари и со раце и со нозе, способност за „хеликоптерско“ вртење на нозете, нозе што комбинира високи и ниски удари. Слично на ликот на Џин во „Теккен 3“. Но потоа  ликот на Џин е вратен на традиционалното карате, а неговата демонска форма стана посебен лик: Devil Jin.

Приказната во Текен 7 беше одлична, најдобра и најсодржајна до сега. Премисата е слична и за Текен 8, каде овојпат Џин треба да го спаси светот од светска доминација на Казуја.

Следниот трејлер е серијата на Нетфликс, каде Џин е главен протагонист и е доста добро аниме со борби. Дури е искомбинирана и приказна што претходно не беше вклучена:

На пример, ликот на Огр (Ogre), кој личи на комбинација од слаб Хулк и американски домородец Ацтек, е внесен во анимето како главен противник (Лошиот) – со тоа што ја убива мајката на Џин, па целта на Џин е да ја освети… Единствен начин да дојде до Огр да победи на турнирот „Железна тупаница“.

Исто така, има и впечатливи тренинг сцени и со дедо му и со мајка – дедо му го подучува на пренасилен и брутално ефикасен стил, а пак мајка му на агилен и мудар стил со естетика и леснотија. Секако, има и други случувања што се добро вклопени и ги претставуваат и другите ликови – секој со свои причини за учество во турнирот.

Хоаранг и Џин во анимето се најдобри пријатели кои прават и пријателски дуели. 

Имаме и три претходни написи: првиот за серијалот „Текен“, вториот за првата најава за „Текен 8“, и трет напис, во којшто има дополнителни информации околу целиот феномен „Текен“.

Несомнено е дека Текен 8 ќе биде светски хит – затоа што е веќе хит! Се вадат слики од датамајнинг, излегоа и видеа со гејмплеј а играчите и љубителите на вакви игри со нетрпение го очекуваат најновиот дел на Текен.

Секако, во „Текен 8“ фокусот ќе биде на онлајн борбите и качувањето низ ранковите за станување „Крал“ на турнирот „Железна тупаница”.

Ова е една од малкуте е-спорт игри во кои не зависите од тим, туку до израз доаѓаат индивидуалните играчки способности и вештини, бидејќи станува збор за дуели. Воедно, ова е и една од најдруштвените и најзабавните игри, кога се игра со блиски луѓе.

„Текен 8“ излегува на 24 јануари. Може да се нарача предвреме: По цени од 70 евра за стандардното издание, 100 евра за делукс-изданието и 110 евра за Ултимативното издание.

Но најдобрата вест ја чуваме за крај – веќе има игри во Демо на Текен 8 достапни бесплатно, што значи дека веднаш може да ја испробате играта, секако, со смалени можности – токму како демоата во старите добри времиња на почетокот на видеоигрите.