Истражување покажува дека гејмерите се изложени на ризик од неповратно губење на слухот и тинитус

Истражувањето покажува дека гејмерите најчесто играат по долги временски периоди со голема јачина на звук која не е безбедна

Фото: Sean Do on Unsplash

Гејмерите се изложени на ризик да си го оштетат слухот како последица на гласно слушање додека играат видеоигри, покажува ново истражување кое го пренесе Би-би-си.

Истражувањето покажува дека гејмерите најчесто играат по долги временски периоди со голема јачина на звук која не е безбедна. Се вели дека ова може да придонесе за неповратно губење на слухот или тинитус, односно постојано ѕвонење во ушите.

Трудот, објавен од „BMJ Public Health“, содржи 14 студии кои опфатиле повеќе од 50.000 луѓе. Истражувачите бараат да се подигне свеста за потенцијалните здравствени проблеми кај гејмерите, на ист начин како што се предупредува за слушање музика во живо.

Гејмерите би можеле да ја намалат јачината на звукот додека играат за да го минимизираат ризикот, но студијата сугерира дека дел од проблемот е долгото време што тие го поминуваат изложени на поголема јачина на звук.

Според Светската здравствена организација, возрасните можат безбедно да бидат изложени на 80 децибели до 40 часа неделно, што е приближно ниво на бучава од ѕвонче.

Над тоа ниво, безбедната количина на изложеност на бучава брзо опаѓа.

Едно од студиите оценети од истражувачите покажува дека просечните нивоа на бучава од слушалките во четири игри со пукање се помеѓу 88,5 и 91,2 децибели.

Друга студија покажала дека импулсните звуци – како што се звуците од пукање, достигнуваат и 119 децибели.

Во три одделни студии се открива и дека момчињата играат видеоигри почесто од девојчињата за подолги периоди и со поголем тон.

Авторите признаваат дека треба да се направат повеќе истражувања за да се воспостават повеќе докази кои ги поврзуваат игрите и губењето на слухот. Тие додаваат и дека влијанието на географскиот регион, полот и возраста, исто така треба да се разгледаат подетално.

Тие заклучуваат дека достапните докази покажуваат оти игрите се сепак небезбедни за слухот.

Некои студии откриваат корелации помеѓу игрите и губењето на слухот, додека други ја поврзуваат активноста со тинитус. Истражувачите користеле комбинација од самопријавени податоци и тестови за слух за да го проценат слухот.