Отпадот од топењето старо железо во „Макстил“ ќе се користи како градежен материјал

Отпадната троска, која се добива при процесот на топење на старото железо во скопската фабрика „Макстил“ ќе се користи како суровина за производство на тампон за асфалтирање улици и како делумна замена на цемент во производство на бетонски блокови. Иновацијата, што денеска во кругот на фабриката беше промовирана пред вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за животна средина Насер Нуредини, се развиваше во рамките на проектот „Синдрела“ кој се спроведува во седум земји, со 13 европски партнер компании, меѓу кои и  Градежниот институт „Македонија“.

Целта на проектот е искористување на тоската од печките за топење на отпадно железо како градежен материјал и обезбедување можност за намалување на урбаниот отпад. Се работи за нов бизнис модел на циркуларна економија, која е единствената одржлива опција за развој на иднината на човештвото и спас на планетата.

Според вицепремиерот Битиќи, циклуларната економија има голем потенцијал во земјава, особено во енергетиката и во земјоделството.

„Цикруларната економија е еден од начините да ја максимизираме употребата на расположливите и ограничени природни ресурси и да обезбедиме одржлив економски раст и развој и притоа да го редуцираме емитувањето на јаглероден диоксид. Среќен сум што денеска конечно приватниот сектор почна активно да зборува за цикуларната економија, но жалам што како држава можеби доцниме десетина години“, рече Битиќи.

За министерот Нуредини, овој проект е конкретна апликација за она што се промовира преку политиките за отпад, а тоа е селекција, реупотреба, рециклирање и преработка. Решението е производ на соработка на наши и европски експерти, што докажува дека домашните институции имаат капацитет и знаења да работат на најмодерни иновативни проекти.

„Добро е кога политиката и праксата се следат меѓусебе и наоѓаат потврда во реалноста. Овој модел на циркуларна економија за одржлив урбан развој е доказ за тоа. На овој начин се заштитуваат примарните ресурси и даваат евтини и брзи решенија за реконструкција на патиштата“, рече Нуредини.

Градежниот материјал добиен од троската веќе е искористен во „Макстил“ за реконструкција на улица од 2.100 квадратни метри и паркинг од 6.500 квадратни метри. Тој материјал, како што информира Златко Илиоски, директор на Заводот за хидрологија, ги има поминато сите фази во развојот, испитувањето и користење.

„Во проектот ‘Синдрела’ беа воспоставени три пилот погони, во Шпанија, во Словенија и кај нас, во ‘Макстил’. Се користеа црната и белата троска кои се отпаден продукт од топењто на отпадно железо. Црната троска се искористи за изградба на асфалтни мешавини, а белата за додавање на цемент од кој се изработени блокови“, посочи Илиоски.

Тој смета дека проектот е еден добар пример како отпадот добива нова вредност. Концептот на овие проекти е тенденција на нула отпад, кој се применува во развиените европски земји, а сега доаѓа и кај нас. На овој начин се дава придонес во намалување на влијанијата од индустријата врз животната средина, а истовремено им се помага на градежните компании да бидат поконкурентни, но и поодговорни кон околината.

Лабораториските истражувања на суровината беиле извршени во ГИМ, а преку нив се докажало дека отпадниот материјал може безбедно да се искористи во градежништвото и да добие нова употребна вредност како траен производ. Еколошките перформанси на производот се испитани на Универзитетот „Гоце Делчев“ и во повеќе европски лаборатории. Тое покажале дека црната троска е инертен материјал и нејзината примена не продуцира влијанија на животната средина.

„Човештвото алчно и неуморно ги користи ресурсите на природата за да ги задоволи своите потреби. Сега ги чувствуваме последиците од оваа експлоатација заради што се намалува и квалитетот на животот. Со овој проект со европските партнери овозможуваме еден запоставен материјал да добие нов живот, а со тоа и да ја заштитиме природата. На компаниите истовремено им овозможуваме профитабилна технологија да ја применат во своето производство“, рече Влатко Иванов директор на ГИМ.