Нови пластеници за одгледувањето на коноп, речиси целосно подготвени за пролетната сезона, можат да се забележат во близина на седиштето на Општината Карбинци. Околу оранжериите, поставен е видео надзор со предупредување за електрифицирана ограда. Ова е вториот комплекс на оранжерии со површина од близу три хектари на територијата на Општината Карбинци.

Од таму соопштуваат дека во подготовка е поставување на најголемата плантажа со марихуана во селото Долни Балван. Покрај новите две, веќе две години на производство на коноп работи компанијата „Оаза алкалоиди“. Практично, на воздушна линија од три километри во овој регион, ќе има вкупно три плантажи, кои ќе работат на производство на цвет од марихуана. Најновата, третата плантажа, која е во подготовка ќе биде поставена на 12 хектари. Земјиштето е земено под закуп.

Од Општината Карбинци соопштуваат дека немаат никаква улога во давање дозволи и други административни работи, туку само даваат одобрение при поставувањето времени контејнери. А за тоа зошто токму оваа општина станува мека за производство на коноп, го гледаат во фактот дека има квалитетна и разработена земја, која често стои и необработена, па лесно оди процесот на добивање на земјиштето за поставување на оранжериите.

Инаку, во близина на овие три плантажи за марихуана, во атарот на Општината Свети Николе, се наоѓа плантажата на компанијата „МАМ“, зад која стои капиталот на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев.