Во тек е акција за гаснење на пожарот на депонијата Русино близу Гостивар каде гори запалено ѓубре, а облаци опасен чад се шират низ полошката котлина. „Во моментов се работи на санација на состојбата на гостиварската депонија, каде моментално се разнесува запалениот смет на периферниот дел за да може да се прекрие со земја и на тој начин да се изгасне пожарот“, информираше за МЕТА Зуди Џелили, раководител на секторот за животна средина на Општина Гостивар.

Тој потврди дека општината денес побарала и добила помош и од Дирекцијата за помош и спасување, од каде им е ветено дека, доколку биде неуспешно гаснењето на пожарот на депонијата, Дирекцијата ќе ангажира и авиони за справување со огнената стихија.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на прес-конференција побара од државата и од Министерството за животна средина, кои според него се надлежни за Русино да превземат она што е потребно да се стави ред на депонијата.

Од Министерството за животна средина, пак тврдат дека за депонијата во Русино во моментов правно-формално е одговорна општина Гостивар т.е. јавното претпријатие Комуналец од Гостивар. „Во постапка е формирање на Меѓуопштинско јавно претпријатие за управување со отпад кое ќе биде одговорно да оперира со депонијата во Русино, бидејќи се работи за регионална депонија, каде отпад депонираат девет полошки општини и тоа не треба да биде на товар само на општината Гостивар“, вели Ана Каранфиловска Мазнева, раководителот на Секторот за отпад при МЖСПП.

Оттамо потсетуваат дека постои Меѓуопштински одбор за управување со отпад, каде членови се сите градоначалници од 9 оштини во Полог, па согласно ова сите имаат обврска, рамноправно да се грижат за Русино т.е. да партиципираат соодветно заради одржување на депонијата. Мазнева вели дека депонијата во Русино е планирана да биде регионална депонија и дека во моментов се работи на издавање на соодветни дозволи за градба на објектите кои треба да постојат согласно закон на една депонија, односно пристапен пат, вага, куќарка, санитарни чворови и слично и дека веднаш по добивање на дозволите ќе се започне со градба. „Со пари од Швајцарската влада ќе се опреми една ќелија за работа на депонијата, која ќе има век од 8 години, а потоа ќе треба да се подготви нова ќелија“, вели раководителката на секторот за отпад при МЖСПП.