fbpx

Онлајн настан на ИЦЕДА: Дигитализирани услуги од државата значат подобар живот за граѓаните и поволна деловна клима за бизнисите

-

Дигитализацијата е клучна компонента во борбата против корупцијата во општеството, бидејќи го елиминира човечкиот фактор и го намалува ризикот од корупција, истакна заменик министерот во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски на онлајн настанот „Дијалози за Дигитална агенда: Презентација на Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија“ кој се одржа во рамки на проектот  „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” на Фондацијата Метаморфозис, кој е ко-финансиран од Европската Унија.

Бајдевски додаде дека корона-кризата ја потенцирала важноста од дигитализација на услугите, а кои се особено важни за граѓаните и бизнисите. Оттука, рече тој, во фокусот на Владата е развојот на дигиталната платформа, и во таа насока, до сега има донесено стратегии, отворени податоци на институциите, зголемена е сајбер-безбедноста и донесени се неколку законски решенија кои ќе овозможат издавање на електронски документи со правна важност.

Бајдевски најави дека до почетокот на 2023 година ќе биде вклучено граѓанското општество во целост во спроведување на дигиталната агенда.

Извршниот директор на Фондација Метаморфозис Бардил Јашари, рече дека уште од основањето на фондацијата се имало за цел промоција на новите технологии кои ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, кои треба да ги имаат потребните вештини и знаења, како и култура на одговорно користење на дигиталната технологија.

Оттука, потенцираше Јашари, за користење на дигиталната технологија треба да работат сите засегнати страни, да се создаде една правна и институционална рамка за непречено користење на новите дигитализирани сервиси.

„Развојот и користењето на новите технологии е неизбежен процес и затоа треба да се создадат услови за целосно искористување на придобивките од дигиталната трансформација. Граѓаните да се информираат за дигиталната агенда, да научат нови можности на дигиталните технологии, да учествуваат во приоритизирањето за тоа кои услуги ќе се дигитализираат и да придонесат како тоа да се направат,“ рече Јашари.

Тој додаде дека и укинувањето на роамингот помеѓу земјите на Западен Балкан на 1 јули е дел од Дигиталната агенда. Граѓаните ги чувствуваат придобивките, а резултатот на ова е, подобрување на комуникацијата и бизнис климата, при што главна цел е да се подобри квалитетот на живеење.

Лани бројот на електронски услуги кои биле користени од порталот е-услуги бил зголемен двојно за разлика од 2019 година односно од 17.241 на 34.843, покажува Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија.

Деканот на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет, Наталија Шикова, при презентацијата на овој извештај истакна дека, не се сите услуги до крај дигитализирани, и овој портал не нуди една точка на услуги, туку пренасочува на други портали, што би требало да се подобри. Оттука, истакна Шикова, не може да се има увид колку граѓани користат електронски услуги. Податоците од истражувањето говорат дека само 18 проценти од услугите во државата, може да се користат електронски.

Шикова потенцираше дека и покрај тоа што имаме подобрување во давањето на електронски услуги, сепак заостануваме во однос на регионот, а далеку сме од просекот во Европската унија.

Државниот секретар во Министерство за информатичко општество и администрација, Елена Манчева, рече дека граѓаните ги препознаваат придобивките, како што е укинување на роамингот, но не го поврзуваат со Дигиталната агенда. Манчева истакна дека во Долгорочната стратегија за Информатичко-комуникациска технологија е вметната и стратегијата за дигитализација.

На порталот за е-услуги сега се достапни само услуги за граѓаните, а Манчева најави и обезбедување на 125 нови услуги за бизнисите, преку ИПА проект. Таа препорача и дигитализација на регистрите во институциите, како и да се урнат бариерите помеѓу нив, во интерес на давање на електронски услуги на граѓаните, бидејќи државата е таа која треба да биде еден давател на услуги, без граѓаните да ги интересира, која институција во позадина ја врши работата.

Програмскиот координатор во Центарот за управување со промени, Искра Белчева – Ристовска, рече дека нивното истражување покажало дека 16,3 проценти од нивните испитаници сметале дека вработените во администрацијата се нестручни. Оттука, таа истакна дека од круцијално знаење е вештината на вработените во јавниот сектор и притоа тие да дадат додадена вредност на електронските системи за полесни услуги на граѓаните. Белчева-Ристовска забележа дека на порталот е-услуги не се нудат услуги од општините, бидејќи тие не ги унифицирале документите. Оттука, препорача таа, централните институции треба да ги форсираат и локалните институции да изнаоѓаат дигитални решенија.

Главниот извршен директор на Македонија 2025, Никица Мојсоска-Блажевски рече дека се изработува Дигитална иницијатива 2025, која има за цел да работи на прибирање на податоци во меѓународни рамки за тоа на кое ниво се наоѓа Македонија во однос на дигитални вештини, дигитализација на јавна администрација и да се понудат мерки за подобрување на рангирањето. Оттука, потенцираше Мојсоска-Блажевски, важна е соработката со сите чинители, како државни институции и невладин сектор, за да се биде комплементарен во целта, преку дигитализацијата да се подобри животот на граѓаните и да се подобри деловната клима за бизнисите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...