Министерството за здравство информира дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Прва доза вакцина вчера примиле 10.732 граѓани, а вкупно се вакцинирале 14.818 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 380.624 граѓани.

Во државата досега вкупно се аплицирани 613.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 232.595 граѓани. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 491.363граѓани. 

„Со последните бројки 53 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, информираат од Министерството за здравство.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. 

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.