На меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, вечерва во катедралната црква „Св.Софија“, целовечерен рецитал ќе има рускиот пијанист Андреј Коробејников.
Коробејников својата богата кариера ја почнува уште на осумгодишна возраст, со рецитал во Баку, Азербејџан. Оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет, каде што соработува со голем број реномирани диригенти, како што се Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович и други.
И покрај тоа што најчесто настапува како солист, камерното музицирање е посебна страст на Коробејников. Досега соработувал со некои од најголемите виолинисти на денешницата, меѓу кои Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибрагимова, потоа виолончелистите Александар Књазев, Јоханес Мозер, Татјана Василева, пијанистите Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи.
Задоволство да свират со уметник како Коробејников, имале и голем број светски признаени оркестри, како Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар и многу други.