Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се состана со ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“, „Гоце Делчев“, „Св. Климент Охридски“, Државниот универзитетот во Тетово, како и универзитетот „Мајка Тереза“. На средбата присуствувале ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, ректорот проф. д-р Јусуф Зејнели, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, проректорот проф. д-р Јове Талевски и проректорот проф. д-р Беким Фетаји.
„Соговорниците разменија мислење за тековните реформи во високото образование, со цел прилагодување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди“, наведено е во соопштението од претседателскиот кабинет.
Сиљановска Давкова истакнала дека како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата.
Претседателката укажала за потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата Еразмус+ на Европската Комисија.
„Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите“, наведено е во соопштението од кабинетот.
