Осумнаесетгодишник од Делчево заработи кривична пријава поради постоење на сомнение дека ја злоупотребил картичката на неговиот дедо, поради тоа што со неа плаќал за игри и вршел купувања. Со ова, момчето го оштетило дедо му за сума од над 468.000 денари.
Во соопштението на Секторот за внатрешни работи Штип (СВР Штип) стои дека осумнаесетгодишникот ги обезбедил податоците од дебитната картичка на својот дедо во мај минатата година и во 468 наврати оттогаш со неа плаќал за игрите и купувањата.
„СВР Штип поднесе кривична пријава против К.М.(18) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 28.05.2021, пријавениот обезбедил податоци од дебитна картичка на дедо му, по што во 468 наврати со неа плаќал за игри и вршел купувања. На тој начин го оштетил дедо му за сума од 468.832 денари“, стои во соопштението на МВР.
Притоа, во соопштението не е прецизирано дали жителот на Делчево со сумата од речиси половина милион денари плаќал за купувања во видео-игри или пак станува збор за игри на среќа.