Студенти кои живеат во Тирана, од вториот семестар, ќе започнат да учат македонски јазик во новиот Лекторат кој е отворен во главниот албански град, поточно на тамошниот Факултет за странски јазици при Универзитетот во Тирана.
Како што информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, наставата ќе ја одржува новоизбраната лекторка д-р Славица Свидерска.
„Во тек се процеси на одредување на статусот на предметот македонски јазик. Наставата по македонски јазик ќе започне во вториот, летниот семестар. На иницијатива на директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска, во знак на промотивна афирмација на македонскиот јазик, Лекторатот, покрај редовната настава ќе овозможи и бесплатни онлајн часови по македонски јазик за почетно ниво за заинтересираните студенти од целиот Универзитет во Тирана“, информираат оттаму.
Лекторати по македонски јазик има во неколку универзитетски центри во светот. Освен во Албанија, лекторати има во Кина, Русија, Турција, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Хрватска, како и во други земји.