Фото: Арбнора Мемети

Поликлиниката „Ѓорче Петров“ е првата локација каде што граѓаните од денеска можат да се тестираат со брзите тестови за откривање на ковид-19. Граѓаните преку телефон можат да закажат тестирање во Здравствениот дом Скопје, без притоа да имаат консултација со матичен лекар. За изработката на еден од овие тестови се плаќа 1.000 денари, на граѓаните им се зема брис од нос и од грло, а резултатите од тестирањето ќе бидат готови за 15 до 20 минути.

Доколку резултатот од брзиот тест е позитивен, тогаш лицето ќе треба да оди во изолација и за ова ќе биде известен Институтот за јавно здравје.

Покрај брзите тестови што од денеска се прават во Здравствениот дом-Скопје, Министерството за здравство денеска информираше дека веќе пристигнале 3.000 брзи тестови, кои се дел од донацијата на 13.000 вакви тестови со кои за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен корона вирусот. Останатите 10.000 брзи тестови ќе бидат испорачани до среда.

„Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13-те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на ковид-19“, информираат од Министерството за здравство.

Инаку, министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека со ребалансот на буџетот се издвоени 40 милиони денари за набавка на близу 100.000 брзи тестови, со кои треба да се намали притисокот врз постојните центри за тестирање на ковид-19.