По објавување на истражувањето на Порталб.мк во врска со узурпирањето на државните парцели позади поликлиниката „Бит-пазар“, Јавното обвинителство оформил предмет и презема мерки за утврдување на состојбата.
„Јавното обвинителство оформил предмет и истиот е пратен на надлежен јавен обвинител. Се преземаат мерки за утврдување на фактите“, велат кратко за Порталб.мк од Обвинителството.
Отворањето на предметот доаѓа по најавата на Обвинителството дека ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело или доколку не постапуваат други надлежни институции.
По неколкунеделно истражување, Порталб.мк објави дека зад објектот на поликлиниката „Бит-пазар“ граѓаните се принудени да плаќаат паркинг и покрај тоа што парцелите се во државна сопственост, но се узурпирани. Парите на граѓаните наместо во касата на болницата, општината или државата, незаконски завршуваат во џебовите на приватни лица.
Во интервју за Порталб.мк градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу одговорноста ја префрла кај менаџментот на поликлиниката „Бит-пазар“ и кај Владата.
„Сите тие парцели што се во дворот на Поликлиниката се во сопственост на Поликлиниката и се наоѓаат на територијата на Чаир, но нив ги поседува Поликлиниката и со Поликлиниката не управува Општина Чаир, туку централната власт. Ова префрлување на вината или топката на друго поле не е коректно“, вели Ганиу.
Од друга страна, владата, поликлиниката „Бит-пазар“, Државниот градежен инспекторат, но и низа други институции прстот го вперуваат кон Општина Чаир.
„Министерството за транспорт и врски во согласност со процесот на децентрализација своите надлежности во делот на градежното земјиште им ги предаде на општините и од тие причини целокупното управување со земјиштето е во надлежност на општините. Во конкретниов случај, земјиштето ѝ е на располагање на општината и од тие причини ве советуваме да се обратите до инспекциските служби на општината. Ако имате индиции за незаконско користење на државно земјиште, ве упатуваме да се обратите до Државниот градежен инспекторат, кој согласно своите овластувања е државно инспекциско тело во областа на градежното земјиште“, за Порталб.мк изјави Кире Коцевски, портпарол на Министерството за транспорт и врски.
Порталб.мк разговораше со стручни лица кои ја познаваат проблематиката, а според нив надлежноста за постапување е на Општина Чаир, поточно на градежниот инспекторат.
„Болницата управува со просторот, поточно со дворот зад болницата поради полесниот пристап и тоа се нарекува јавна употреба. Но, технички, тој имот се управува во име на Република Северна Македонија и со тој имот, на ниво на општина – управува општината и општината има право да влезе. Но, и да се работи за земјиште кое ѝ припаѓа на болницата или пак за приватно земјиште, општината дефинитивно може да влезе со Градежниот инспекторат и да констатира, а потоа да поднесе и пријава за дива градба и покрај тоа што е во приватна сопственост. За тоа служат инспекторатите, а не за да определат дали еден имот е приватен или не – не го проверуваат само имотот околу општината, туку напротив, целиот имот на територијата на општината“, велат експертите кои ги консултираше Порталб.мк.
Во меѓувреме пред судот се изведени две лица кои се обидоа да го узурпираат просторот пред Поликлиниката „Бит Пазар“, но додека тече постапката, просторот зад поликлиниката со години е узурпиран и граѓаните се принудени да им плаќаат паркинг на узурпаторите.