fbpx

Ганиу за узурпираниот паркинг на Поликлиниката „Бит Пазар“: Адресата за овие девијантни работи е Владата

Тој побара да се продолжи децентрализацијата и да ѝ се доделат надлежностите на Општина Чаир, но според него Владата се труди да задржи сè за себе

-

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, во разговор со новинарот на Порталб.мк ги отфрли тврдењата на Владата, Државниот градежен инспекторат, но и на претседателот на ЗЕЛС според кои надлежна да постапува во врска со узурпираниот простор позади Поликлиниката „Бит Пазар“, кој на илегален начин долги години се употребува како паркинг простор со наплата е Општина Чаир. Според него, надлежни за постапување се поликлиниката, инспекторатот, а адреса за сите овие девијантни и деструктивни работи е Владата.

„Сите тие парцели што се во дворот на Поликлиниката се во сопственост на Поликлиниката и се наоѓаат на територијата на Чаир, но нив ги поседува Поликлиниката и со Поликлиниката не управува општина Чаир, туку централната власт. Ова фрлање на вината или топката на туѓ терен не е коректно. Го разбирам претседателот на ЗЕЛС кој даде такво интервју, но тој не е свесен за сите овие работи. Побаравме сите парцели во иднина да се земат од Владата, знаете со последниот проект со господинот Пацоли, за да ги направиме катни гаражи. Зелено светло не добивме, Законот за стратешки инвестиции не помина и не знам како тоа ние стопанисуваме со паркинзите, кога знаете дека со паркинзите стопанисува Град Скопје – Претпријатието за паркинзи и сите дозволи за секое паркиралиште мора да се добијат од ова претпријатие“, вели Ганиу.

Градоначалникот на Чаир вели дека не е коректно што за туѓ двор во црната хроника да се спомнува Општина Чаир.

„Така, во процедура сме за неколку парцели кои се директно во наша сопственост да ги пренамениме во паркинзи и за да добиеме согласност, постапката мора да помине во претпријатието на Град Скопје. Така да, случајот што се случи со Поликлиниката каде што беше искршена оградата, влегоа во дворот – повторно го поврзаа со Општина Чаир, мислам дека е некоректно, да се влезе во туѓ двор – надлежните органи интервенираа, ги тргнаа луѓето, но сепак во црна хроника беше Општина Чаир, која нема надлежност во туѓ двор. И Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е во Општина Центар, но Општина Центар не е одговорна за тоа што се случува внатре. Исто како што и ние не сме одговорни за овој случај. Добро е што интервенираа надлежните органи, но мислам дека не треба да се мешаме затоа што нема што да правиме таму, таму ние немаме ингеренции“, рече Ганиу за Порталб.мк.

На прашањето за другата парцела, која е на државно земјиште, Ганиу рече дека за ова треба да интервенираат државните инспекторати, но според него овие инспекторати не ја вршат својата работа во Чаир.

„За другата парцела, која е државно земјиште, таму треба да интервенира некој друг – Пазарниот инспекторат, други инспекторати кои не се во наши ингеренции и да одат да откријат како работат тие луѓе таму. Неколку пати алармиравме, покренавме иницијативи, но другите инспекторати не излегуваат на терен заедно со МВР, и тогаш се е залудно. Неколку пати дадовме интервјуа и кажавме дека Пазарниот инспекторат не си ја врши работата во Чаир. И не е само тоа, имаме отворени тераси за кои не доаѓаат да реагираат, имаме различни дејности од оние во документите врз основа на кои се отворени. Значи, тие не се надлежност на општината, туку на Пазарниот инспекторат кој треба да раководи и контролира со нив, а не ние“, рече Ганиу.

Тој побара да се продолжи децентрализацијата и да ѝ се доделат надлежностите на Општина Чаир, но според него Владата се труди да задржи се за себе.

„Тоа е она за што зборуваме постојано, нашата влада треба да им даде поголеми ингеренции на општините и бараме децентрализацијата да премине од централната власт на локалните власти. Извршната власт не го прави тоа, бидејќи се обидува да држи се под контрола, и не случајно го носиме епитетот, официјално по Кипар ние сме втората најцентрализирана држава. Адресата за сите овие девијантни и деструктивни работи е Владата“, рече Ганиу.

Инаку, по едно неколку неделно истражување, Порталб.мк објави дека позади објектот на Поликлиниката во Бит Пазар граѓаните се принудени да плаќаат паркинг и покрај тоа што парцелите се во државна сопственост, но се узурпирани. Парите на граѓаните наместо во касата на болницата, општината или државата, незаконски завршуваат во џебовите на приватни лица.

Целото истражување можете да го погледнете тука: Узурпиран паркингот на Поликлиниката „Бит Пазар“, Општина Чаир дозволува парите на граѓаните нелегално да завршат во приватни џебови

Во меѓувреме, пред Судот се изведени две лица кои се обидоа да го узурпираат просторот пред Поликлиниката „Бит Пазар“, но додека тие се соочуваат со правдата, просторот зад Поликлиниката со години е узурпиран и граѓаните се принудени да им плаќаат паркинг на узурпаторите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светски ден на книгата: Расте поддршката од читателите за домашните автори

Светскиот ден на книгата, кој се слави секоја година на денешен ден, 23 април, претставува глобална прослава на пишаниот збор и цели да даде поддршка на писателите и на...