Нов закон во ЕУ ќе ги принуди производителите на телефони да создаваат заменливи батерии

Потрошувачите треба да може да ги отстранат и заменат преносните батерии што се користат во уреди како смартфони, таблети и камери, што пак од производителите ќе бара значително редизајнирање, со оглед на тоа што многу телефони се производени со цел што поскоро да престанат да работат и да треба да се заменат со понови модели

Photo by Joel Rohland on Unsplash

Производителите на паметните телефони ги прават батериите тешко заменливи, но новите цврсти правила во Европската Унија ќе го променат тоа.

Како што јавува „Јуроњуз“, ЕУ наскоро ќе бара од производителите на паметни телефони да им овозможат на корисниците да ги заменат батериите. Новите правила одобрени од Европскиот парламент се очекува да спасат милиони телефони од фрлање во депонија.

Секоја година во ЕУ се фрлаат повеќе од 150 милиони телефони, а олеснетата замена на батериите се очекува да го запре напливот на електронски отпад.

Постојните смартфони ги затвораат батериите на начин што нивната замена е речиси исто толку скапа како и купувањето нов телефон. Новите мерки ќе помогнат да се прекине тој циклус на неконтролирано консумирање, изјави европратеникот Ахил Варијати.

„За првпат имаме законодавство за циркуларна економија што го покрива целиот животен век на производот – пристап кој е добар и за животната средина и за економијата“, рече Варијати, кој додаде оти батериите ќе бидат побезбедни и ќе можат да се извадат полесно.

Според законодавството, потрошувачите треба да може да ги отстранат и заменат преносните батерии што се користат во уреди како смартфони, таблети и камери, што пак од производителите ќе бара значителен редизајн.

Покрај ова, правилата предвидуваат сите индустриски батерии и батерии за електрични возила со полнење од над 2 киловатчасови да имаат задолжителна декларација за јаглерод, етикета и дигитален пасош.

Европскиот парламент донесе и нови цели за собирање отпад и извлекување материјали од старите батерии, па така, до 2031 година, 61 отсто од отпадот мора да се собере и 95 отсто од материјалите мора да бидат повратени од старите преносливи батерии.

Правилата ќе стапат на сила во 2027 година.

ЕУ го носи новиот закон затоа што мобилните телефони кои се фрлаат во депониите испуштат токсични хемикалии во подземните води и ја загадуваат почвата, а им требаат години за да се распаднат. Покрај ова, се смета дека со распаѓањето на телефоните се губат и благородни метали како кобалт и литиум, кои потоа треба повторно да се ископуваат притоа оставајќи деструктивни последици за локалните заедници и екосистемите.

Трета причина е и тоа што многу производители создаваат телефони со цел истите да престанат да работат по одредено време – намерно ограничувајќи го нивниот животен век за да ги принудат потрошувачите да купуваат понови модели.