fbpx

Обвинителството го гони Жан Митрев и неговата клиника за измама со хемофилтрацијата

-

Скопското Основно јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинение против хирургот Жан Митрев и обвинителен предлог против истоимената клиника за продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик. Измамените семејства, според ОЈО, имаше штета на својот имот во вкупен износ од речиси 1,6 милиони евра.

Иако во официјалното соопштение на ОЈО Скопје воопшто не се наведени идентитетите, од текстот е јасно дека станува збор за познатиот хирург Жан Митрев, сопственик на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје. Случајот со примена на хемофилтрација при лекувањето на болни од ковид-19 ги обелодени Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот со наслов „Нечиста крв“, по што имаше притисоци и тужби против истражувачките новинари од ИРЛ. Обвинителите велат дека обезбедиле докази со кои ги поткрепиле сомневањата изнесени од новинарите.

„Во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“, соопшти Обвинителството.

Според соопштението, како што утврдиле во ОЈО Скопје, Жан Митрев на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од ковид-19, „притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата“.

Обвинителството отвори предмет по сторијата на ИРЛ за „Жан Митрев“, од клиниката тврдат дека се работи за невистини

Обвинителството објаснува дека Митрев се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ ѝ било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта.

„Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Covid – 19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Covid – 19“, соопшти ОЈО Скопје.

Сега поради сите тие работи, во обвинителниот акт, Жан Митрев се товари дека „кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди“.

На денешното соопштение реагираше приватната клиника „Жан Митрев“, која порача дека на суд ќе докаже дека обвинението нема основа, и го нарече обвинителниот акт „лакрдија од неосновани напади“. Од клиниката велат дека секогаш работеле според дозволени методи на лечење.​

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...