По речиси 15 години, УКИМ отвора нови лекторати по македонски јазик во светот

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Со заложби на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е засилено присуството на македонистиката на универзитетските центри во светот – за првпат по близу 15 години се отвораат нови лекторати по македонски јазик, соопштија од овој универзитет.

Оттаму велат дека заложбите на УКИМ за изучување на македонскиот јазик на странските универзитети остварени во изминатите неколку години преку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ веќе даваат конкретни резултати клучни за натамошниот развој на странската македонистика.

„Интензивирањето на соработката со странските универзитети со кои УКИМ има склучено меѓууниверзитетски договори т.е. протоколи за соработка, зголеменото темпо во работата на МСМЈЛК при УКИМ во остварувањето на својата мисија и посветеноста на лекторите по македонски јазик на десетте универзитети на кои има лекторати по македонски јазик, како и на професорите кои предаваат на други тринаесет универзитети на кои се изучува македонистиката и со кои имаме континуирана плодотворна комуникација, резултираат со постојан интерес за македонистиката на вкупно над дваесет универзитетски центри во светот. Кон нив, од втората половина на минатата година се приклучуваат уште два универзитета на кои ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура каде допрва ќе работиме на развивање на студиите и интересот за македонистиката“, велат од УКИМ.

За првпат по речиси 15 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека во 2008 година, којшто е и единствениот отворен во периодот од 1991 година наваму, се отворија и Катедра и Лекторат по македонски јазик на Факултетот за јазици, историја и географија на престижниот Анкарски универзитет, што веднаш предизвикало интерес како кај студентите, така и во академската заедница во Турција.

Покрај ова, од најголемиот и најстар универзитет во земјава велат дека од ноември ќе биде испратен и првиот лектор во Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Пекинг, Кина.

„Овој чекор следеше по комуникација со Министерството за надворешни работи од кое кон крајот на 2021 година беше упатен повик за отворање Лекторат по македонски јазик, литература и култура на овој реномиран универзитет за изучување странски јазици, што придонесе за побрзо остварување на нашите заложби за првпат да се отвори наш Лекторат во НР Кина. УКИМ има и Протокол за академска соработка со Универзитетот за странски студии во Пекинг и во согласност со него, соработката е насочена и кон споделување на академските знаења и искуства. Во тој контекст е и отворањето на овој Лекторат по македонски јазик, литература и култура на чиешто развивање ќе се работи во текот на оваа 2023 година“, додаваат од УКИМ.

Во текот на 2023 година УКИМ ќе работи и на повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, литература и култура на Универзитетот во Тирана, Албанија, за кој велат дека има голема потреба заради интересот за изучување на македонскиот јазик на овој универзитет.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски вели дека во соработка со странските универзитети, заложбите секојдневно се насочени и кон препознавање каде сè има интерес за македонскиот јазик, литература и култура, а каде сè уште нема настава, со цел и таму да се отворат лекторати.

„УКИМ, и јас како негов прв човек, храбро чекориме кон остварувањето на овие цели, и гласно и јасно ги замолкнуваме оние кои фрлаат огнени јазици со кои сакаат да ја дискредитираат и нашата работа и нашата посветеност на македонистиката“, вели ректорот на УКИМ.