fbpx

Измама: Со фотошопирани фотографии се нуди производ против брчки

Се користи непостоечка професорка со лажен идентитет, која е создадена да прикаже лажна реалност за да ги измами луѓето и да ги навлече да потрошат пари, без притоа тие вистински да го добијат резултатот што го посакуваат

-

Ова е типична онлајн измама која неетички го користи незадоволството на луѓето од физичкиот изглед, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари за да купат наводен производ кој драстично ќе им го промени лицето. Притоа се користи непостоечка професорка со лажен идентитет, која е создадена да прикаже лажна реалност за да ги измами луѓето и да ги навлече да потрошат пари, без притоа тие вистински да го добијат резултатот што го посакуваат, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека со чудесен препарат брчките ќе ви исчезнат за една недела. Ова е неточна информација.

Во рамките на објава споделена е фотографија од нацртано лице на коjaшто пишува:

Длабоките брчки и неправилности исчезнуваат за една недела! Нанесете малку…

Објавата води до веб-страница на којашто има текст со сензационалистички наслов:

Врвен производ: Брчките можат да исчезнат. Подобро е и од лифтинг третманот! Револуционерен производ го зафаќа интернетот. Нарачки пристигнуваат од илјадници!

Оваа примамлива реклама е наводен продукт за подмладување на кожата, кој пак, е презентиран и нуден на потрошувачите преку неетички, лажен маркетинг, со користење на лажни фотографии за да се потенцира ефикасноста на продуктот.

За производот се вели дека е „неверојатна метаморфоза“, „како лифтинг“, „неверојатен производ“ и куп други пофалби.

 

Измислени личности, фотошопирани фотографии

Станува збор за производ кој се нарекува Coralift, и се тврди дека го измислила наводна Дарија Илиева, која е прикажана како професор и козметолог познат низ Македонија. Ова е чиста измислица.

Пребарувањето на Гугл на нејзиното име покажува дека не постои ниту професорка со вакво име, ниту козметолог со име Дарија Илиева, иако во текстот таа се прикажува дека е многу позната низ Македонија. Доколку беше позната тогаш ќе имаше бар еден медиумски напис за неа и нејзината работа или барем социјални мрежи на коишто таа би ја промовирала својата работа. Во креирањето на нејзината персона на оваа веб-страница се вели дека таа добила и награди и дека е светски позната. А, од  друга страна, нема ниту еден податок за оваа личност на интернет просторот.

Несомнено, нашиот сонародник ја прослави Македонија во светски рамки. Професорката Илиева за својот производ има добиено бројни награди во индустријата за убавина, меѓу кои и наградата за најдобро откритие на годината, која кај нас е престижна како и Нобеловата награда!, пишува во текстот.

Исто така, во најмала рака е чудно што пребарувањето на Гугл не дава никакви резултати за ова име, а во текстот се тврди дека таа измислила производ којшто бил наводно тестиран во 11 лаборатории во земјата, а во тестирањето учествувале дури 85.000 жени. Притоа, не се објавува ниту едно од имињата на лабораториите во коишто наводно се тестирал производот.

Во написот има препораки од лица кои лажно се претставени како да се корисници на овој препарат со кој постигнале успех и прикажани се со фотографии и со македонски имиња. Сите фотографии на лица на кои им се дадени македонски имиња не се од Македонија, ниту пак, се подмладиле така драстично со помош на овој производ како што е претставено на фотографиите коишто се нереални. Како дел од лажниот маркетинг, фотографиите од пред и по користење на производот, се драстични фотошопирани.

Првата фотографија на жената што е претставена е преземена од сајт на којшто може да се најдат и користат илјадници фотографии. Подолу има колаж од фотографии на кои што е преставена наводна Софија, но фотографијата од левата страна е всушност на личност којашто ја има на веб-страница од Велика Британија каде што се рекламираат услуги за подобрување на вид. Втората фотографија може да се најде на друг веб-сајт, но веднаш е видливо дека ова е истата фотографија искористена во написот но менувана во фотошоп за лицето да изгледа многу мазно и без брчки.

Иста е ситуацијата и со останатите фотографии коишто се прикачени како реклама на производот. Искористени се фотографии кои се наоѓаат на сајтови за фотографии и притоа нивните лица се променети за да изгледаат премногу мазно и без брчки, иако тоа нема никаква логика и со ниту еден препарат и пристап не може да се постигнат такви резултати за толку кратко време.

Она што е очигледно е дека производот не делува како што е опишано и рекламирано, бидејќи фотографиите коишто се презентираат како докази се нереални, односно фотошопирани и тоа е веднаш видливо. Неетички е да се манипулираат граѓаните за да се продава каков било препарат со измислени препораки и фотошопирани фотографии.

За крајна манипулација на корисниците на социјалните мрежи дури има и измислени коментари од ботови кои ги споделуваат „позитивните ефекти“ од Coralift.

Ова е типична онлајн измама која неетички го користи незадоволството на луѓето од сопствениот  физички изглед, со цел да ги намами да потрошат пари за да купат наводен производ кој драстично ќе им го промени лицето. Притоа се користи непостоечка професорка со лажен идентитет, која е создадена да прикаже лажна реалност за да ги измами луѓето и да ги навлече да потрошат пари, без притоа тие вистински да го добијат резултатот што го посакуваат.

Поради наведените факти ова го сметаме за измама. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МОН: Учениците да имаат скратени часови поради високите температури

Основните училишта да работат со скратени наставни часови до крајот на учебната година поради високите температури кои ја зафатија државата, препорачува Министерството за образование и наука (МОН). Од министерството препорачуваат:...