Објавен меѓународниот конкурс за стрип – Велес 2023

Извор на фотографија: Стрип центар на Македонија-Велес

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го објави традиционалниот меѓународен конкурс за стрип на кој може да учествуваат автори од целиот свет, без разлика на полот и возраста. 

Според критериумите, должината на стрипот треба да биде од 1 до 6 табли, и тоа на А4 формат (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна треба да биде со најмалку 5 сликички, а доколку стрипот е во боја, препорачливо е истиот да се испрати преку пошта или достави лично.

Tемата на стрипот е слободна. Секој автор (билo цртач, туш, колор) може да учествува со само еден стрип. Според организаторот, исклучок има за сценаристите каде се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.

Учесниците коишто се во основно образование треба да се насочат кон своите основни училишта заради раширување на информацијата, организирано пријавување, како и избор на тема за цртање.

На еден стрип можат да работат повеќе автори (притоа да се напише кој што направил: сценарио, молив, туш…)

Заедно со стрипот потребно е да се испрати лична биографија, односно, име и презиме со фотографија, датум на раѓање, адреса и држава од каде е авторот, е-маил, како и година кога е стрипот нацртан. Исто така на сите стрипови треба да бидат наведени авторите како и називот на стрипот затоа што пристигнатите стрипови, без овие информации, нема да бидат земени во предвид за награди.

Стриповите од македонски автори треба да бидат на македонски јазик и кирилско писмо.

Сите пристигнати стрипови ќе бидат земени во конкуренција за изложување во склоп на изложбата на Салонот на стрип со реална можност за друг вид на промоција. Тричлена интернационална комисија ќе направи избор и ќе ги предложи следните награди:

• Прва награда, 300 ЕУР – ”Златен стрип”, изданија и диплома за прво место.

• Втора награда ”Сребрен стрип” и диплома за второ место.

• Трета награда,”Бронзен стрип” и диплома за трето место.

• Награда за најдобро сценарио, диплома.

• Награда за најдобар млад автор до 18 години, диплома.

• Други специјални награди.

Стриповите треба да се пратат до 10 август оваа година на адресата на Стрип Центар на Македонија – Велес или на електронската адреса [email protected].

За повеќе информации заинтересираните може да се јават на горенаведениот емаил и на веб страната www.stripcentar.mk.