Објавен конкурсот за наградата „Лифт“ за македонски стрип

Фото: Темплум

Издавачката куќа Темплум годинава по трет пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип која се доделува еднаш годишно.

„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“ велат од издавачката куќа Темплум.

Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓан(к)и на Р.С. Македонија кои ќе испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, од една или две страници, но не повеќе од 16.

Стриповите треба да се испратат, скенирани, по електронска пошта, до 31 декември 2020 година, на следнава адреса: [email protected]

Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови. Фондот со свои изданија го обезбедија Темплум (400 евра) и Бункер (100 евра). Предвидени се три награди: од 250, 150 и 100 евра. Најдобро оцененетите автор(к)и за таа сума ќе добијат изданија, по сопствен избор, на книгоиздателството „Темплум“ и на издавачот на стрипови „Бункер“.

Доделувањето на наградата ќе се случи во јануари 2021 година.