Објавен е првиот повик од ИПАРД 3 програмата која тежи 97 милиони евра

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска го објавија стартот на новата и зголемена помош од европските фондови за македонското земјоделство

Фото: Рурална коалиција

Објавен е првиот повик од ИПАРД 3 програмата кој ќе трае до 1 Ноември. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска го објавија стартот на новата и зголемена помош од европските фондови за македонското земјоделство. ИПАРД 3 е со 62 отсто поголем буџет од ИПАРД 2 и тежи 97 милиони евра. Во првиот повик на располагање се 30 милиони евра наменети за изградба на фарми, оранжерии, објекти и опрема за преработка, собирање, ладење, сушење, потоа за подигнување насади, инсталирање на систем „капка по капка“ и друга современа инфраструктура за земјоделски стопанства.

Помошта изнесува до 60 отсто од вкупните профатливи трошоци или 70 отсто за младите земјоделци и може да се исплати авансно, веднаш по потпишувањето на договорот, а опремата може да се набави од било која земја.

Премиерот Ковачевски истакна дека се работи за помош за земјоделците, со која ќе можат да набават нови машини и технологии, да изградат нови објекти или да стартуваат свој бизнис. Програмата, смета, треба да им биде мотивација да се одржат на пазарот, но и да го модернизираат своето производство.

„За шест години од земја која не ги искористуваше сретствата од европските програми Северна Македонија ја доби програмата ИПАРД 3 како прва земја во регионот која ќе користи нови неповратни 97 милиони евра за инвестиции во земјоделскиот сектор“, рече премиерот Ковачевски.

Со тоа, посочи, годинава се отвораат нови можности за нови бизниси, работни места и инвестиции, а целта е ИПАРД 3 да биде со уште поголем успех и искористеност од ИПАРД 2.

Само преку ИПА во земјава се вложени преку милијарда евра, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски и додаде дека во моментов тече и еден повик од девет милиони евра од ИПАРД 2, со што домашните земјоделци имаат на располагање речиси 40 милиони евра.

„Преку ИПАРД 2 имаме склучено 2.369 договори или најмногу во регионот. Она што радува е фактот дека 859 договори се на млади земјоделци кои гледаат шанса дома и кои инвестираа 10 милиони евра. Верувам дека ИПАРД 3 ќе го надмине успехот на ИПАРД 2, кој имаше 98 отсто искористенот бидејќи компаниите веќе имаат искуство со апликациите, а земјоделците се добро информирани од перманентната кампања која ја водиме“, рече Николовски.