Американскиот претседател Барак Обама од Хавана порача дека САД ќе направат сè што е неопходно за напаѓачите од Брисел да се изнесат пред правдата.
Белата куќа соопшти дека САД се во контакт со белгиските власти во врска со денешниот терористички напад во Брисел.
– Мораме да бидеме заедно, без разлика на националноста, расата или верата во борбата против тероризмот. Можеме и ќе ги поразиме тие што се закана за безбедноста на луѓето во светот – рече Обама од Хавана, каде се наоѓа во историска посета на Куба.
Американскиот министер за одбрана, Еш Картер, во изложувањето пред Конгресот рече дека нападите во Брисел, во кои се убиени најмалку 34 лица, нема да ја поткопаат волјата на САД и на нивните сојузници да ја засилат кампањата против Исламска држава.
– Никаков напад нема да влијае врз нашата одлучност да го забрзаме поразот на Исламска држава – рече Картер, додавајќи дека САД ја надгледуваат ситуацијата во Брисел, особено безбедноста на службениците и на државјаните на САД.