Новиот Предлог-Закон за просторно и урбанистичко планирање не нуди решенија за постојниот урбанистички хаос, туку токму спротивното, сметаат од Иницијативата „О2“.

„Во ситуација кога Уставниот суд го укина членот 50 од сегашниот закон за просторно и урбанистичко планирање со кој се утврдуваше кои се градбите од државен интерес и како ќе се градат, подалеку од очите на јавноста и кога мислевме дека таквите пракси се конечно зад нас, во новиот Предлог-Закон сега има нова категорија: Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење“, велат од „О2“.

Тука спаѓаат национални паркови и заштитени подрачја, минерална експлоатација (рудници, каменоломи, минерална и термална вода, итн.), хидроелектрани. Токму овие категории, сметаат од Иницијативата „О2“ се едни од најпроблематичните за јавноста, која бара вклученост во носење на одлуките поврзани со нив, а не комплетна исклученост, како што е предвидено сега – без јавни презентации, без јавни анкети.

„Згора на сè, имаме повторување на ,мала’ недореченост, која отвора многу можности и со која секоја одлука на Владата се покрива, а тоа е делот ,и други подрачја и објекти од државно значење’“, се вели во реакцијата од „О2“.

Коментирајќи некои од другите предложени решенија во идниот закон за просторно и урбанистичко планирање, од О2 потсетуваат дека пред неполн месец Градежната комора на Македонија во паника барала од Министерството за транспорт и врски да најде начин и да го заобиколи мораториумот во Центар и укинатите ДУП-ови во Карпош за да продолжат со градење.

„Во рок од 10 години (2006 до 2016) биле направени 13 измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање и 25 на Законот за градење и секогаш тие промени оделе во прилог и на барање на инвеститорите,а резултатите ги гледаме секојдневно“, велат екологистите.

Тие укажуваат и дека во новиот предлог закон буквално не се спомнува „Стратегиска оцена за влијание врз животната средина“ и ја прашуваат Владата дали е таа намерно заборавена за да може да „се реши“ проблемот со мораториумот и укинатите ДУП-ови, односно за да може да се продолжи со градење во атрактивните општини Центар и Карпош.

Исклучиво за задоволување на апетитите на градежниот сектор, сметаат од „О2“, е и „иновацијата“ во новиот закон според која, ако некој урбанистички план или дел од него е укинат од надлежен орган, веднаш да се започне со  изработка на нов план или дел од план, но притоа претходниот урбанистички план или негов дел да биде на сила до донесувањето на новиот.