fbpx

Новите барања за членство во ЕУ: Нов тест за интеграцискиот капацитет на ЕУ

-

Неколку дена по руската инвазија, Украина поднесе барање за членство во ЕУ. Украинскиот претседател побара „итен прием“, што беше поддржано со истовремено писмо од осум држави членки на ЕУ (сите од Централна и Источна Европа освен Романија и Унгарија). Тие побараа од другите држави членки да овозможат брза постапка во институциите на ЕУ „да спроведат чекори за веднаш на Украина да ѝ се додели статусот на држава кандидат и да започне преговори за членство“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Реакциите во Европската унија беа итни, а секако и емотивни. Претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен воскликна „Тие се едни од нас и ние ги сакаме внатре“. Сепак, итно донесената, и тоа со големо мнозинство, Резолуција на Европскиот парламент, кој вообичаено оди чекор напред за проширувањето од другите институции, е прилично резервирана во ветувањата. Таа ги повикува институциите на ЕУ „да работат кон  доделување кандидатски статус на Украина“.

Меѓутоа, потоа се додава дека тоа треба да биде во согласност со членот 49 на Договорот на ЕУ и врз основа на заслуги. Истовремено, Парламентот повика да продолжат да работат на интеграцијата на Украина во единствениот пазар согласно со Асоцијативниот договор.

Очекувано, и Молдавија и Грузија поднесоа барања за членство неколку дена по Украина. Тие, покрај Украина, се меѓу шесте држави кои ја сочинуваат групата на Источно партнерство на ЕУ – заедно со Ерменија, Азербејџан и Белорусија (која нe учествува во процесот од 2020 година). Молдавија, Грузија и Украина, кои имаат асоцијативни договори со ЕУ, летото минатата година со посебна изјава ги изразија свoите амбиции за членство во ЕУ, со тоа издвојувајќи се од другите држави од групата. ЕУ ова само гo констатираше.

Да потсетиме дека ЕУ не можеше да склучи асоцијативна спогодба со Украина во 2014 година, затоа што една држава членка (Холандија) на референдум го отфрли тоа. Договорот беше ратификуван во 2017 година, откако во посебна одлука на Европскиот совет (прилог кон Заклучоците од декември 2016 година) се појасни дека со асоцијативната спогодба не ѝ се доделува кандидатски статус на Украина, ниту пак тоа ѝ се ветува за во иднина.

Сега никој не го споменува овој, сѐ уште важечки, политички став на Унијата.  Барањата за членство од трите држави од Источното партнерство Советот на ЕУ брзо го препрати на Европската комисија, која треба да даде мислење. Досега Комисијата даваше мислење врз основа на сопствените оценки и одговорите на прашалникот што ќе ги добие од државата кандидат. За државите од Западниот Балкан од барањето до давањето мислење на Комисијата минуваа од една до три години, а потоа следеше одлука за кандидатски статус или дополнитeлни услови за доделување на кандидатскиот статус (кои, патем, Босна и Херцеговина уште не ги исполнила и нема кандидатски статус). Во воена ситуација во Украина тешко е замисливо украинските власти да пополнуваат прашалник.

Малку веројатно е брзо доделување на кандидатски статус, што би бил геополитички подарок, но тоа, и да ги скрати првите фази, сигурно не би го скратило патот до членство, а би било и демотивирачко за Западен Балкан. Уште помалку веројатно е ЕУ да води преговори со членство со држава која не ја контролира сопствената територија (иако веќе прими поделена држава) или која е во војна. Русија контролира делови од територијата на сите три држави кои неодамна поднесоа барања за членство.

Поверојатно е дека ќе се бараат други специфични патишта. Се споменува понуда за „привилегирано партнерство“, што всушност би била алтернатива на членство и прашање е колку би претставувала поттик за Украина. За да одговори на гео-политичкиот притисок, а да не ја разочара Украина, можно е Европската унија да излезе со нов инструмент или документ (вклучувајќи и финансиска поддршка), комбинација на претходни искуства, со кој би одговорила на непосредниот предизвик. Иако сега на преден план се гео-политичките мотиви, сигурно е дека не би се напуштила политиката на условеност. Како и да е, државите членки ќе треба да постигнат консензус за ова прашање, што нема да биде лесно, и покрај недвосмислената поддршка на Украина.

Повторно се актуелизира прашањето на интеграцискиот капацитет на Унијата. Ова прашање се покренуваше за Западниот Балкан, но главно – аспектот на институционален капацитет. Во случајот со Украина, интеграцискиот капацитет е актуелен од сите аспекти – буџетски, на политиките, институционален, а и од оној четвртиот – гео-политичкиот капацитет, односно капацитетот на Унијата да ја обезбеди сопствената стратешка сигурност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...