Нова публикација од Црна Гора ја пренесува сликата за стрипот во историјата, како и за историјата во стрипот

Автор на публикацијата е Лука Ракојевиќ, а дизајнот е на македонскиот уметник Зоран Кардула (Cardula)

Foto: Centar za demokratsku tranziciju

Центарот за демократски транзиции (ЦДТ) од Подгорица денеска ја објави публикацијата „Цртежи и борби“ (Crteži i borbe), која истакнува одредени детали од историјата на југословенскиот стрип и на моменти од поширокиот терен на културата, за заедно да создадат преглед поврзан со три работи: стрипот, НОВ и Црна Гора.

Автор на публикацијата е Лука Ракојевиќ, додека дизајнот го изработи Зоран Кардула (Cardula). Изданието е подготвено во рамките на проектот „Минатото за иднината – контра мракот, контра силата“, по повод одбележувањето на 80-годишнината на битките на Неретва и Сутјеска, како и на Второто заседание на Антифашистичкиот совет на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ).

„Цртежи и борби“ содржи преглед на развојот на стрипот поврзан со Народноослободителната војна (НОВ) во текот на Втората светска војна, којшто е одреден со медиумот, времето и просторот. Опишани се одредени сегменти на биографијата на авторите, коишто со раѓањето или потеклото се сврзани за црногорското подрачје, а имаат врска со Втората светска војна, и некои од стриповите инспирирани од луѓе, настани, просторот или менталитетот.

Тие факти заедно создаваат своевиден мозаик што нуди преглед на одбрани аспекти врзани за овие теми и им дава рамка. Анализата ги опфаќа делата на легендарните стрип-автори од просторите на поранешна Југославија, меѓу кои се Андрија Мауровиќ, којшто целиот живот го минал во Хрватска, а имал словенечко и црногорско потекло, потоа оскаровецот Душан Вукотиќ, Милош Вушковиќ, Здравко Сулиќ, Живко Ѓуровиќ и Јулио Радиловиќ – Јулес.

Во текстот се истакнуваат ситуции и се акцентираат делови на творечките опуси во склад со тематиката, и тие заедно сочинуваат своевидна збирка приказни за подрачјето што било прибежиште и инспирација, а тоа подрачје треба да се брани или за неговата борба да се пренесе гласот преку стрип.

Публикацијата е достапна тука.