fbpx

Николов: Со буџетот за 2016 година, секој од нас е задолжен за 150 евра

-

Марјанчо Николов од опозицискиот СДСМ, на собраниската расправа за предлог-буџетот, истакна дека опозицијата нема да го поддржи буџетот за 2016 година бидејќи е расипнички, недомаќински, нереален и неразвоен. За историски највисокиот буџет од 3,2 милијарди евра, Николов додаде дека е нетранспарентен и не се знае каде Владата ќе ги потроши парите.

– Овој буџет е наменет за тажна сегашност и за уништена иднина, за нови долгови и за ново иселување на младите. Ова е буџет за нови фасади и за светлечки реклами на Владата, а за темни домови на граѓаните, буџет во кој граѓаните ќе имаат помалку пари, а владата ќе се луксузира со „мерцедес“ од 600.000 евра, буџет со кој, секој од нас е задолжен со нови 150 евра. Ова е буџет не за развој, туку обид за опстанок на владата – изјави Николов.

Тој истакна дека буџетот за 2016 година не е ништо друго, туку буџет за нови долгови на граѓаните и на стопанството.

– За наредната година, со издавањето на еврообрзницата, нето-долгот ќе биде 500 милиони евра. Она што го кажавте, дека јавниот долг е 43 проценти од БДП, е неточно. Вашата методологија за мерење на јавниот долг е поинаква од таа на меѓународните институции. Зошто не кажете колку должат институциите каде Владата е доминантен сопственик? Јавниот долг, според тоа, е 50 проценти од БДП. И Европската комисија забележа дека Владата троши повеќе од што може и дека од 2008 година, јавниот долг во континуитет се зголемува – истакна Николов.

Тој го праша министерот за финансии, Зоран Ставрески, колку државата ја чини субвенцијата на едно работно место кај странските инвеститори, за реално да се види ефектот од 15.500 вработени кај странските инвеститори. Притоа додаде дека Македонија е на последно место во регионот по привлекување странски инвестиции според процент од БДП и по жител.

Николов истакна дека за следната година во Фондот за пензиско осигурување се планирани 420 милиони евра за пензии, при што седум пензии Владата ќе исплаќа на кредит и го праша Ставрески, како Владата планира да го намали тој дефицит.

Министерот Зоран Ставески му реплицираше на Николов дека за македонската економија оценуваат народот и релевантните меѓународни институции.

– Кој може да предвиди што ќе се случи во текот на годината, како што беше со политичката криза. Еднаш во годината проектираме, но се случуваат повеќе ревизии. Како резултат на економските политики на Владата, денеска извозот е двојно поголем од 2006 година, а невработеноста од 37 проценти во времето на СДСМ, е намалена на историски најниско ниво од 26 проценти – реплицираше Ставрески.

Расправата за буџетот ќе продолжи по 15 часот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.